Селекцијата на Шведска приреди големо изненадување на стартот на Олимписките игри во Париз, откако го совлада првиот фаворит за титулата, Норвешка со 32-28.
Швеѓанките имаа предност од три гола во првиот дел и можеа многу порано да го решат победникот, но сепак Норвешка се врати во мечот и на пауза замина со водство, 17-15.
Продолжија во ист ритам избраничките на Торир Хергеирсон, водеа со 22-19 кон средината на второто полувреме и тогаш како да застанаа.
Шведска успеа да израмни на 22-22 и се играше гол за гол во следните десетина минути. Победникот беше решен со серија од три гола на избраничките на Томас Акснер кои поведоа со 30-27 и веќе немаше назад за Норвешка.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Хагман со осум и Копанг со седум гола, а по исто толку кај норвешката селекција дадоа Мерк и Офтедал.