Овче Поле слави плеј-оф, неготинци издржаа едно полувреме во Ѓорче

Тимот на Овче Поле го совлада Металург РА со 30-28 и се пласираше во плеј-офот од прволигашката конкуренција.

Сега составот од Свети Николе има 12 бода на четвртата позиција и остана недостижен за ривалите, па ќе си ја проба силата со уште девет екипи во битката за Супер лига. Металург РА во својот ростер го имаше расположениот Филип Петровски, кој даде 17 гола, но тоа беше недоволно за позитивен резултат.

Беше 27-27 во финишот, но Стојанче Ристов со три гола во серија се погрижи за триумф на домашните, кој значеше место меѓу најдобрите десет во Првата лига. Кристијан Стаменков додаде уште осум погодоци за Овче Поле.

Македонија Ѓорче Петров ја продолжи победничката серија, откако на домашен терен го совлада Вардар Неготино со 36-29.

Неготинци успеваа да парираа во првото полувреме, но „дробилицата“ беше доминантна во второто полувреме и комплетно го надигра противникот.

За победата на домашните најзаслужни беа Бојан Божиновски со десет гола и Бојан Чакалиќ со седум погодоци, додека кај Вардар Неготино се истакна Драган Кузманов со осум. Двете екипи имаат обезбедено место во прволигашкиот плеј-оф.