Охрид со моќна партија среде Кавадарци – му нанесе дебакл на Тиквеш

Ракометарите на Охрид се враќаат победнички од Кавадарци, каде што славеа против Тиквеш со 31-19 што е одлична увертира пред дербито и гостувањето на шампионот Еурофарм Пелистер во СРЦ „Билјанини Извори“.

Иако се очекуваа повеќе возбудувања, нив ги немаше во „Јасмин“, Охрид покажа класа, а домаќинот ќе мора на други мечеви да ја побара својата шанса и да брка бодови за плеј-оф.

Победникот беше решен уште по десетина минути, кога „гладијаторите“ поведоа со 8-1. Блескаше на стартот голманот Пилиповиќ, а промашуваа Чејовиќ, Ахмед и Тајник. За тоа време на спротивната страна казнуваше Савревски и веќе беше јасно каков меч ќе гледаме.

Имаа домашните свои моменти во финишот на првиот дел, за момент намалија на минус три, 11-8, но тоа беше се од нив. До крајот на натпреварот како да играше само еден тим – Охрид.

На паузата беше 17-12, а кавадарчани лошо делуваа во вториот дел. Девет пати по ред погодија охриѓани по ред за 26-12 и комплетна доминација на теренот, а избраниците на Борис Ројевиќ играа како да е 0-0.

Домаќинот прв гол во вториот дел даде дури по 17 минути игра, но до крајот се чекаше само конечниот резултат. Охрид не се потроши премногу, заштеди дел од силите за дербито што доаѓа, а кавадарчани на друг меч ќе бараат бодови.

Лиапис имаше шест гола за победникот, пет пати погоди Савревски, а по четири гола дадоа Петриќ и Тасески. Голманот Пилиповиќ имаше 11 одбрани. Во составот на Тиквеш се истакна Мијушковиќ со шест гола.

Во следното коло Охрид го пречекува шампионот Еурофарм Пелистер, а Тиквеш ќе го пречека Еурофарм Пелистер 2.