Нов пораз на ЕП – Швајцарија подобра од Македонија

Женската младинска репрезентација на Македонија ќе се бори за 21 (или за 23) место на Европското првенство во Црна Гора по поразот од Швајцарија со 33-23. Натпреварот наликуваше на сите претходно одиграни во Подгорица, па победникот беше решен уште по првото полувреме.

Голманката Гошевска беше одлична со 15 интервенции, додека се истакна Лашкоска, која имаше шест од шест во швајцарската мрежа. По четири гола запишаа Конеска и Тодоровска. За Македонија остануваат сега уште два меча на ЕП, а едниот е веќе утре во битката за пласман од 21 до 24 место.

Во првото полувреме негативата беше седум погодоци, 17-10, а да не беше голманката Гошевска ќе губевме со многу поголема разлика. Стандардно голем број технички грешки, без течен напад и со многу пропусти во одбраната.

Во стартните десетина минути одбраната за момент беше подобра, нападот поразновиден и Македонија се врати на минус пет, 19-14. Тоа кратко траеше, Швајцарија се одлепи одново и отиде на највисоки 23-14.

Понатаму беше „дежа ви“ од претходните натпревари на континенталниот собир и немаше никакви возбудувања на теренот. За Македонија следува натпревар со поразениот од дуелот меѓу Словенија и Португалија.