Машката репрезентација на Македонија го освои третото место во групата А на Европското првенство 2024, откако го доби дуелот со Швајцарија со два гола разлика, 29:27.
За Македонија победата над Швајцарија беше многу важна за обезбедување на првиот шешир за баражот за СП 2025 година.
Одличен натпревар во дресот на Македонија имаше Ненад Костески, кој во мрежата на Швајцарија постигна пет погодоци.
Десното крило за 24Ракомет ги сподели своите импресии по добиената битка со Швајцарија.
,,Ова беше еден тежок и неизвесен натпревар, искрено да кажам многу сум среќен што си одиме со победа, ги освоивме овие два бода, верувавме во тоа, што е најважно, го дадовме максимумот на теренот и прекрасно е чувството да се освојат овие два бода во Берлин. Јас мислам дека доколку бевме исплашени кога Швајцарија направи камбек, ќе го загубевме дуелот, но успеавме да се консолидираме кога најмногу требаше, ја вративме предноста и се радувавме на победа”, изјави Костески.
Македонија во првото и второ коло беше поразена од Германија, односно Франција.