Низ европските ракометни терени се одиграа три дерби натпревари од првенствата на Германија, Франција и Словенија. Нант му го нанесе првиот сезонски пораз во францускиот шампионат на првакот ПСЖ со 34-31 и го презема лидерското место на табелата.
Бос со осум и Одриозола со шест гола беа најдобри во тимот на Нант, додека во составот на Раул Гонзалес се истакнаа Омар со шест и Соле со пет погодоци.
Магдебург и покрај големите проблеми со повредени ракометари, успеа да слави убедлива победа кај Рајн Некар Левен со 36-25.
Четворица ракометари имаа по шест гола кај победничкиот тим – Вебер, Зендер, Лагергрен и Мертенс, а „лавовите“ кои имаа само 12 ракометари во ростерот ги предводеше Мартиновиќ со седум погодоци.
Сега се заострува трката за титулата во Бундес лигата. Лидери се Мелсунген и Хановер со по 24 бодови, по 22 имаат Кил и Фуксе Берлин, додека Магдебург е петти со 21 бод.
Дерби имаше и во Словенија, каде Целје со 28-24 го совлада на гостински терен шампионот Горење Велење. Целје ја води трката за титулата со 28 бода, 27 има вториот Слован, додека Тримо на македонскиот стратег Раде Стојановиќ е трет со 24 бодови.