Машката младинска репрезентација на Македонија в понеделник ќе го има првиот собир по настапот летоска на ЕП во Словенија и ќе ги почне подготовките за СП 2025 со настапот на мини-турнир во Полска.
Селекторот Раде Стојановиќ дополнително го повика бекот на Струга, Немања Џигероски, откако поради повреда отпадна од комбинација десниот бек од Вардар, Кристијан Стаменковиќ.
Квартетот Галевски, Петковски, Карасманакис и Митев е со сениорската репрезентација, па шанса ќе добијат неколку нови ракометари. Нема да играат ниту одамна повредените средни бекови Томислав Димковски и Славчо Шулески.
Меѓу ново повиканите се Андреј Глигоров, кој претходно беше во потесниот круг за настап на ЕП, а Стојановиќ ќе смета и на левото крило Давид Трајкоски, средниот бек Ѓорѓе Ѓуриќ и голманот на кадетската репрезентација, Ѓорѓи Николовски.
Во градот Олецко, на 13 март ќе играат Полска и Македонија, на 14 март е пресметката меѓу нашата селекција и Алжир, додека на 15 ќе играат домаќинот и африканската репрезентација.
Овие два меча се дел од подготовките за настапот на Мундијалот во Полска во јуни, а таму Македонија ќе игра против Исланд, Романија и Фарски Острови во прелиминарната фаза.