MЛАДИНЦИ: „Сините“ од Автокоманда броеја до 66, Јаневски и Каевски за нов триумф на Бутел

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 славеше во братскиот двобој против првиот тим на Еурофарм Пелистер со резултат 28-26, во натпревар од 7 коло на младинската лига во машка конкуренција.

Со овој триумф, Еурофарм Пелистер 2 и „витамините“ од Автокоманда, остануваат двата тима со максимален учинок – седум победи на седум натпревари. Победничката екипа ја предводеше Лука Ѓорѓиевски со девет погодоци, додека Томче Пецаковски постигна пет, а Алдин Фехми четири гола. Во поразениот состав, најдобар поединец беше Стефан Василевски, кој блесна со 11 погодоци.

Бутел Скопје предводен од Давид Јаневски со десет и Марко Каевски со осум гола, триумфираа над Куманово, за кој Христијан Вујичевски постигна десет погодоци.

Пролет, на домашен терен, беше подобар од Тиквеш и ја запиша својата трета победа сезонава. Горазд Дамчевски со седум, Давор Крстески и Ѓорѓи Лешниковски со по пет погодоци беа најдобри во домашниот состав, а Матеј Петрески даде 11 за кавадарчани.

Во Автокоманда, „сино-белите“ постигнаа 66 гола против Вардар Неготино, а најдобар стрелец беше кадетскиот репрезентативец Максим Гарбески со десет гола.

Младинци, 7. коло, резултати:

Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2 26-28
Бутел Скопје – Куманово 32-29
Пролет – Тиквеш 38-29
Мулти Есенс – Вардар 36-23
Алкалоид – Вардар Неготино 66-21