Митревски: Конфузно, со грешки, не погодивме со играч повеќе..

Еурофарм Пелистер успеваше да се врати во игра на делот со Висла Плоцк, но не и со пресврт да освои бодови. Поразот од 28-25 ги оддалечува битолчани од осминафиналето на лигата на шампионите, иако останува теорија. За голманот Никола Митревски причината е што имале доста грешки, кои ќе мора да се исправат во иднина.

„Доста конфузно, со многу грешки од наша страна. Тие го искористија тоа и направија пет гола предност. Успеавме да се вратиме во игра, дојдовме на минус еден, и во второто полувреме беше слично. Промашивме доста, тоа е составен дел од играта, но не постигнавме голови кога имавме играч повеќе. Треба многу да работиме. Да искористиме и да покажеме, прво како екипа, а потоа и за македонскиот ракомет, па да се подготвиме за предизвиците во домашното првенство.
Треба да одиме сами за себе, меч по меч. Можеби ќе жалиме за некои натпревари што требаше да ги добиеме. Не треба да чекаме од други услуги, вели Митревски.

Макеоднскиот првак имаше 12 технички грешки наспроти петте на гостите. Три промашени пенали и 19 промашени удари, за разлика од гостите кои имаа четири удари помалку промашени.

Битолчани останаа на досегашните 4 бода, на седмото место на табелата, а пред нив останува следното гостување кај ГОг Гудме следната недела.