Милошески: За Вардар не треба да се трошат зборови, но Бутел нема да се предаде

Ракометарите на Бутел Скопје ги продолжуваат натпреварите од плеј-офот во Супер лигата и по вторпат ќе се соочат со Вардар.

Левиот бек на бутелци, Христијан Милошески, вели дека победата на тешкиот терен во Охрид ја зголемува мотивацијата за последните четири кола.

„Победата во Охрид беше една добра мотивација за натпреварите кои ни следат. Како и досега продолжуваме со истото темпо, мотивирани за да го оствариме она што го имавме поставено како цел на почеток на сезона“, вели Милошески.

Вардар славеше на првата пресметка со 35-26, како и во Купот на Македонија каде „црвено-црните“ едвај победија со 33-30.

„За Вардар како тим и не треба многу да се зборува, но секако Бутел нема да се предаде на тој натпревар. Како и секогаш досега ќе го дадеме својот максимум како екипа и се надеваме на позитивен резултат. Од екипата на Вардар не може да издвоиме поединец во однос на нападот, но најголемата опасност ја очекуваме од левите бекови и пивотот. Се надевам дека ќе го запреме брзиот проток на топка и лесните голови од транзиција“, продолжи Милошески.

Милошески ги игра последните четири натпревари оваа сезона во Бутел Скопје и во Македонија, бидејќи станува интернационалец од лето во тимот на Аполда од Германија.

„Задоволен сум од мојата игра во оваа сезона, особено на важните натпревари. Со истото темпо ќе ги доиграм и овие неколку клучни натпревари за тимот. Моите очекувања од транферот во Германија се големи во однос на мојот напредок на приватен и професионален план. Би сакал да им се заблагодарам на тренерот Тоскоски и управата за укажаната доверба и се надевам на многу успеси“, заврши Милошески.

Натпреварот меѓу Вардар и Бутел Скопје се игра вечерва во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.