Женската младинска репрезентација на Македонија ја очекува настапот на Европското првенство во Црна Гора.
Избраничките на Симе Симовски денека патуваат за Црна Гора, откако вчера имаа успешна проверка против селекцијата на Косово и славеа со 30-20.
Капитенот на младинките, Леона Миленкоска, ги сподели очекувањата од настапот на континенталниот собир, на кој Македонија ќе игра против Унгарија, Чешка и Полска.
„За релативно кратко време успеавме да ја дигнеме атмосферата на едно ниво кое би требало да биде задоволувачко, иако во изминатиот период не сме имале собири. Како спортисти очекувањата секогаш ни се на високо ниво, но исто така сме претпазливи бидејки играме со европскиот крем“, вели Миленкоска.
По месец дена подготовки и три пријателски средби, Македонија ќе одигра уште осум меча на ЕП од 9 до 20 јули. Миленкоска е оптимист дека може да се постигне добар резултат.
„Анализи правиме последните три недели, се подготвуваме за секој противник посебно, сите наши противници работат веќе подолго време заедно и се гледа нивниот систем на работа. Не би биле таму, а да не очекуваме подобра позиција, со добра игра верувам дека можеме да го постигнеме тоа“, заврши Миленкоска.
Прв ривал на Македонија ќе биде европскиот првак Унгарија, а мечот ќе се игра на 9 јули од 19:30 часот.