Металург Автокоманда пред елиминација во Европскиот Куп

Екипата на Металург Автокоманда загуби на првиот натпревар од Гореле, 36:28, во дебитанскиот настап на европска сцена, поточно во Европскиот Куп.

Македонскиот тим за пласман во третата рунда во третото по ранг европско клупско натпреварување ќе мора на реванш дуелот да даде сѐ од себе и да ја надомести негативата од осум гола.

Избраничките на Јулијана Дамчевска добро тргнаа во воведниот дел, парираа дваесетина минути, а потоа работите започнаа да се одвиваат во посакувана насока на домашниот табор, па така Гореле во периодот од 20 минута, па до крајот на првиот дел имаше удобна контрола на резултатот.

Единствено расположена во првите 30 минути кај тимот од Автокоманда беше Марија Јанкуловска, која за едно полувреме постигна шест погодоци, но и подели неколку асистенции кон своите соиграчки. Гореле на пауза замина со предност од плус четири, 17:13.

Домаќинките за само неколку минути игра во вториот дел дојдоа до 20:14 и веќе тука беше јасно дека македонскиот претставник ќе има тешка задача за евентуален камбек. До 50 минута Гореле рутински одржуваше предност од пет до седум гола, потоа во финишот ги казни сите грешки на гостинките и дојде до убедлив триумф.

Најефикасна во таборот на Металург Автокоманда беше Марија Јанкуловска со девет погодоци, а ја следеше Сара Миновска со пет реализации. Амра Терзиќ натпреварот го заврши со пет интервенции, две имаше Симона Грујовска.

Реванш натпреварот, на кој Металург Автокоманда ќе биде формално домаќин, ќе се одигра во понеделник, со почеток од 17:00 часот.