Поранешната ракометарка Мери Арсениевска, која успешно ја гради својата тренерска кариера, има нов чекор напред во професионалниот развој. Арсениевска ќе биде дел од ЖРК Чаир, каде што ќе ја извршува функцијата помошник-тренер во сениорскиот тим. Тимот од Чаир сезонава добива сериозна шанса да се бори за титулата, и ќе биде најсериозне конкурент на Ѓорче Петров.
Таа во новата улога доаѓа по работата во младинските категории на Металург Автокоманда, каде што беше вклучена во развојот на младите ракометарки и важеше за еден од тренерите со сериозен пристап и посветеност во работата со млади категории. Но, откако клубот заминува во историјата, и нема да се натпреварува и таа си бара „чаре“.
Арсениевска и претходно покажа дека знае како да работи со талентирани генерации и да извлече максимум од нив. Во изминатиот период остави добар впечаток со својата работа во младинскиот погон, а токму тие резултати се дополнителна потврда за нејзиниот тренерски потенцијал и причина за новата шанса во ЖРК Чаир.
Ангажманот во Чаир за неа претставува значаен исчекор, бидејќи сега ќе биде дел од сениорски стручен штаб и ќе има можност своето искуство од работа со млади ракометарки да го пренесе и на повисоко натпреварувачко ниво. Воедно, за ЖРК Чаир ова е засилување во стручниот кадар со тренер што добро го познава домашниот женски ракомет и има чувство за развој на играчи.

























