Македонскиот ракомет доби свеж судиски кадар – успешна проверка во Охрид

Во Охрид викендов се одржа полагањето за лиценца на ракометни судии за новата сезона, на кое учествуваа вкупно 85 арбитри, меѓу кои имаше и 20 нови кандидати. Програмата опфати теоретски дел и физичка проверка преку познатиот Куперов тест, а целиот процес се реализираше во најдобар ред.

Претседателот на Здружението на ракометни судии на Македонија, Ѓорѓи Начевски, истакна големо задоволство од организацијата и резултатите:

„Големо ми е задоволството да соопштам дека полагањето за лиценца на ракометни судии, кое се одржа во Охрид, беше успешно реализирано и протече во најдобар ред. Сите активности беа спроведени согласно планот и правилниците на Здружението, а атмосферата беше исклучително професионална и позитивна.“

Начевски посебно ја нагласи работата на стручната комисија, која според него покажала високо ниво на подготвеност, компетентност и објективност, што гарантирало фер селекција и транспарентност.
На настанот присуствуваше и генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, што, како што истакна Начевски, е потврда за заедничките напори на Федерацијата и Здружението во создавањето стабилна и квалитетна судиска структура.

„Со успешно спроведените лиценцирања обезбедуваме континуитет во развојот на судиската организација и создавање нови генерации на квалификувани судии. Тоа е вложување во иднината на македонскиот ракомет и во нашата цел да бидеме рамноправни со европските и светските судиски структури,“ додаде Начевски.

На крајот, претседателот им упати искрени честитки на сите кандидати кои го положија испитот и изрази благодарност до сите организатори и соработници кои придонесоа полагањето во Охрид да биде спроведено на највисоко ниво.

„Им упатувам искрени честитки на сите кандидати кои го положија испитот и со тоа докажаа дека се подготвени за нови предизвици на теренот. Нивниот успех е и наш успех, а Здружението ќе продолжи да работи на нивна едукација, поддршка и афирмација, вели Начевски.