Во спортската сала „Верде“ во Подгорица, како дел од Европското првенство за младинки беше одржан едукативен настан под името „Почитувај го својот талент“ во организација на ЕХФ.
На овој инспиративен настан присуствуваа 120 млади ракометарки од 24 национални репрезентации, кои имаа можност да учествуваат во интерактивна програма и мотивациски разговори со некои од најголемите имиња во историјата на женскиот ракомет.
Меѓу нив беа и петте македонски репрезентативки кои беа прогласени за МВП на досегашните пет меча на ЕП – Дона Тодоровска, Михаела Кралева, Дарија Наумоска, Софи Гошевска и Анастасија Трпеска.
Настанот доби посебна тежина со присуството на три ракометни легенди – Катрин Лунде, Ана Вјахирева и Ана Грос. Овие ракометарки ги споделија своите животни и спортски приказни, давајќи совети за ментална подготовка, професионален развој, одговорност надвор од теренот и балансирање на спортот со животните обврски.
Програмата „Почитувај го твојот талент“ има за цел да им помогне на младите спортист(к)и не само да напредуваат во ракометот, туку и да станат одговорни личности, подготвени за предизвиците што ги носи професионалниот спорт – и на теренот и надвор од него.