Македонска легенда одново во стручниот штаб на Лазаров!

Легендарниот ракометар на Вардар и поранешен македонски репрезентативец, Стојанче Стоилов, се враќа во стручниот штаб на националниот тим. Стоилов ќе биде дел од стручниот штаб на селекторот Кирил Лазаров, во кој е уште и Билјана Црвенкоска.

Претходно Стоилов соработуваше со Лазаров за двете бараж средби против Фарски Острови за пласман на СП 2025. Тој е активен клупски како асистент на тренерот Гиљермо Милано во Вардар, а сега ќе соработува пак со Лазаров.

Своевремено дел од стручниот штаб на македонскиот селектор беа поранешните репрезентативци Ацо Јоновски, Филип Миркуловски и Бранко Ангеловски.

Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.