Македонија загуби од Германија, но останува во трка за ЕП

Женската репрезентација на Македонија загуби со 35-27 од Германија во натпреварот од 5 коло во квалификациите за пласман на ЕП 2026. Со поразoт Македонија и натаму останува во игра за место на континентален собир, но ќе се брои гол-разликата по последното коло, не само нашата туку и на конкурентите – третопласираните во другите групи, под услови Белгија вечерва да загуби од Словенија.

Девојките на Кристијан Грчевски храбро се бореа, но немаа сили за нешто повеќе против бундес тимот, кој без оглед на максималниот биланс по четири кола, не сакаше да дозволи никакво изненадување на овој меч.

Со победа кај Белгија, Словенките ќе обезбедат пласман на ЕП и во последниот меч против нас ќе влезат без притисок. Германија е прва на табелата со десет бода, Словенија втора со четири, но и меч помалку, додека Македонија е трета со два, пред Белгија која има исто толку и натпревар помалку. На ЕП 2026 пласман ќе обезбедат и најдобрите четири третопласирани селекции од шесте групи. Македонија во моментов има гол-разлика од – 32.

Гостинките отворија со водство од 2-0, па 4-2, пред голманката Веис да одбрани и пенал на Ризоска. Сепак во продолжение од мечот два напади со голови заврши Стефаноска за 4-4 по десетина минути игра.

Но потоа се намножија техничките грешки во нападот и Германија успеа да ги казни сите да отиде на плус пет, 12-7. Селекторот Грчевски ги промени ракометарките на бековските позиции, но немаше преголем ефект.

По дваесетина минути игра беше 15-9, па Грчевски мораше да побара тајм-аут. Седлоска намали со проектил на 15-10. Немаше идеја во нападот, тоа беше причина за изнудени удари, а грешките беа казнети со лесни голови во контра и веќе беше 18-10.

Црната серија ја прекина Кипријановска со гол од пенал за 18-11, а потоа Џатевска вторпат беше исклучена па и Германија лесно погоди. Беше 19-12, пред Кипријановска да намали со одличен пробив да погоди, а Ангела Јанкуловска да стави точка на првиот дел со гол од далечина за 19-14.

На стартот на вториот дел нашите ракометарките го имаа својот најдобар период во мечот. Илиќ им фати два зицери на Германките, потоа Јанкуловска и Кипријановска беа прецизни, а капитенот Гакидова намали на минус четири, 20-16.

Беше и 21-17, но потоа нов пад во игра, промашување и неколку технички грешки во серија, па ривалот одново отиде на плус девет, 26-17, највисока предност дотогаш. Германскиот селектор им даде шанса и на младинките од составот, па ги седна на клупа капитенот Дол и Беренд, а малку играше и Гријселс.

Се истакна и Петковска со две одбрани по зицер ситуации, но предноста на Германија и натаму беше висока. Македонските репрезентативки се бореа до крајот, имаа неколку добри потези и погодоци, но и Германките не попуштаа, па немаше шанси за некаков камбек или намалување на нивната залиха.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Кипријановска со шест, како и Ангела Јанкуловска и Стефаноска со по четири погодоци, додека голманките Петковска и Илиќ собра девет одбрани. Кај Германија, Енгел даде девет гола.

Македонија е во игра за пласман на ЕП 2026, а повеќе детали за тоа како може да стигне до ново учество на континентален собир прочитајте ТУКА. Последниот натпревар го играме на гостински терен кај Словенија на 12 април од 18:00 часот.

[insert page='euro2020-tekst' display='content' public]
[insert page='proba-2' display='content' public]
[insert page='24video-tekst' display='content' public]
[insert page='foto-tekst' display='content' public]