Македонија со шест негатива на полувреме против Полска

Женската сениорска репрезентација на Македонија губи на полувреме против Полска со 14:8 во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство 2025.

Домаќинките откако не реализираа во првиот напад, тоа го направија во вториот обид преку Кочаниак за 1:0, а потоа од контра зголемија на 2:0. Првиот гол за Македонија го постигна кружниот напаѓач Катерина Дамјановска, следуваше консолидирање во составот на Грчевски, па така нашата репрезентација успеа да израмни на 3:3.

Полска повторно успеа да побегне на плус два, 5:3, но домаќинките не играа на посакуваното ниво, следуваше период на неколку грешки на двете страни, а кон средината на првото полувреме, при предност на Полска од 6:4, селекторот Грчевски побара тајм-аут.

Искусната Коблинска со својот прв гол во 15-та минута зголеми на 7:4, а во 16-та минута се повреди Ивана Арсениевска. Иако Полска беше со ракометарка помалку, техничките грешки се зголемуваа во нашиот табор, па така Полска успеа да замине на плус четири, 8:4.

Кризата во Македонија ја прекина средниот бек Моника Јанеска, погоди на празен гол за минус три, 8:5. Голанката Петковска влезе во ритам, фати неколку топки, не дозволи Полска да дојде до поголема предност и Македонија намали на 8:6 во 20-та минута. Македонија во последните десет минути во желбата да ја анулира негативата ги зголемуваше грешките, постигна само два, а прими шест погодоци и резултатот на полувреме гласеше 14:8 во корист за домаќинот.