Најуспешната спортска федерацијата во Македонија, која доби и најголем ваучер минатата година, Ракометната федерација, ќе исполни максимални услови за машката сениорска репрезентација да мисли само на натпреварите со Фарски Острови. Тој меч е закажан за 8 мај. Пласманот на СП е главна цел на нашите ракометари, со желба да се задржи континуитетот на играње на големите натпреварувања.
Првиот бараж натпревар меѓу Фарски Острови и Македонија се игра во Торшавн, а федерацијата обезбеди чартер лет, со цел да нема многу чекања по аеродромите, преместувања на различни летови, и да се добие повеќе време за одмор и подготовки. Во салата во Торшаван треба да има има малубројна, но и тоа како потребна поддршка и за нашите ракометари, од оние што ќе бидат дел од „специјалниот лет“, спонзори, пријатели, медиуми – на различен начин заслужни за краткотрајното патување.
Лошите конекции со Торшавн, како и краткото време за подготовки, сега нема да бидат проблем, па македонската експедиција за околу шест часа ќе стигне до крајната дестинација.
Најпрво со лет од Скопје за Хамбург, македонската експедиција ќе замине во утринските часови, а таму следува пауза поради дополнување на гориво, пред авионот повторно да одлета кон крајната дестинација Торшавн. Таму треба да слета околу 15 часот по македонско време.
Maкедонската експедиција се враќа назад веднаш по натпреварот и ќе полета од Торшавн околу полноќ, со цел да има повеќе време за одмор пред реваншот.
Првиот натпревар меѓу Фарски Острови и Македонија ќе се игра на 8 мај од 18:00 часот, додека реваншот ќе биде на 12 мај во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот.
Победникот од двомечот ќе се пласира на СП 2025 што ќе се игра во три држави – Данска, Норвешка и Хрватска. Доколку Македонија се пласира на ова СП, повеќе од веројатно е дека групната фаза ќе ја игра во некој хрватски град.