Македонија е деветта ЕВРОПСКА СИЛА – падна моќната Франција!

Машката младинска репрезентација на Македонија го освои деветтото место на Европското првенство во Словенија, откако славеше во драматичен натпревар над Франција со 30-29. Херој е голманот Иван Галевски, кој одбран пенал по истекот на времето со кој спречи продолженија на натпреварот. Македонија имаше плус пет и можеше многу порано да го реши победникот, но во вториот дел квалитетниот противник се врати во егал, иако ниту еднаш не поведе. На крајот слатка победа над големата Франција за одличен пласман на ЕП.

Отворивме одлично и поведовме со 4-1 на стартот на мечот, но францускиот голман Мартин најпрво му фати пенал на Узунчев, потоа и шут на Стојановски, па тоа беше казнето на спротивната страна и Франција израмни на 4-4.

Но тоа не ги поколеба момците на Стојановиќ во борбата и Македонија одново отиде на плус три, 8-5. Белистојаноски и Субашевски на два пати погодија, а потоа имавме и шанса за плус четири, но не беше реализирана.

Францускиот селектор побара тајм-аут да ги смири неговите избраници, но и покрај тоа нивниот напад не беше на ниво. Галевски одбрани два удари, а на спротивната страна Калајџиески мина еден на еден и Македонија пак имаше плус три, 9-6.

Беше и 10-7, во продолжение влезе Митев, погоди од тешка ситуација за плус четири, а Французите не успеаја да го искористат исклучувањето на Карасманакис и Македонија стигна и до највисока предност, 15-10, резултат со кој се замина на пауза.

Вториот дел почна со два гола на Франција, имаше ривалот два напади за минус два, но не ги искористи, па Субашевски беше прецизен за плус четири, 16-12. Потоа се играше гол за гол, Шулески беше исклучен и противникот искористи шанса да се врати на минус два, 20-18.

Французите одново беа на минус два, но Белистојаноски од тешка позиција успеа да погоди за 24-21, остануваа да се играат уште десетина минути. Противникот заигра подобра одбрана, нашиот напад не беше толку течен како претходно и намалија на минус еден, 25-24.

Македонија пропушти уште еден напад, згора на тоа Михајловиќ беше исклучен поради удар во глава на противничкиот голман и Франција израмни на 25-25, па се мораше од нула. На пет минути до крајот, нашите водеа со 27-26, Галевски одбрани и ни даде прилика за плус два.

Не беше искористен и казната стигна за ново реми. Митев погоди, но потоа и Дебланк, уште по еден гол на двете страни и во последната минута се влезе со 29-29. Стојановиќ викна тајм-аут, прецизно беше договорено што ќе се игра и Субашевски со гол ја завршија акцијата на десет секунди до крајот.

Французите исто така викнаа минута одмор, топката стигна до десното крило и судијките донесоа чудна одлука за црвен картон за Митев, иако ривалот не беше во позиција за шут. Тоа значеше пенал за Франција, кој Галевски го одбрани и победата остана за Македонија.

Субашевски и Митев реализираа по шест пати, пет гола даде Узунчев, а Калајџиески стрелаше четири пати во мрежата на ривалот. За репрезентативците сега следува пат до Македонија, краток одмор пред да се приклучат на подготовките на своите екипи за новата сезона.

🎥 Галевски ја стави „јаготката на шлагот“ – еве како сервираше слатка одмазда за Франција!

📸И Македонија има МАЖИШТА за трка со великани

🎥 Така тоа го прават големите: Стојановиќ и Ангеловски ја „нацртаа“ победничката акција!

🎥 „Ладен како шприцер“ – еве го победничкиот гол на Субашевски за македонско славје

Галевски: Треба да се верува во нас, го оставаме срцето на терен секој натпревар

Субашевски: Срцето ми чукаше 200 на саат пред последниот шут…

Стојановиќ: Клубовите треба да инвестираат во овие деца, а не да ангажираат потпросечни странци