Тимот на Тиквеш е пред нов голем предизвик во суперлигашкиот плеј-оф. Во Кавадарци во „Јасмин“ ќе гостува Охрид, уште еден аспирант за место во Европа.
Левото крило Мирко Мајиќ, кој долги години настапува во македонскиот шампионат, вели дека овој плеј-оф е најсилен досега.
„Ни следува многу важен натпревар за целиот колектив. Се подготвуваме исто како и за досегашните натпревари од плеј-офот. Ние на секој дуел одиме на победа, така и на овој, мислам дека со нашата публика сме фаворити за триумф. Сметам дека оваа сезона играме фантастичен ракомет, особено во плеј-офот, стигнавме во тој стадиум секој ривал да се плаши од нас. Многу ми е драго за тоа. По осум сезони минати во Македонија, сметам дека овој плеј-оф е досега најсилен“, вели Мајиќ.
Црногорскиот интернационалец вели дека Охрид игра се подобро, но тој и неговите избраници не се плашат од ривалот.
„Охрид е бренд на македонскиот ракомет, донесоа добри засилувања, можеби 11-12. Се гледа голем напредок кај нив во последните неколку кола и почнаа да играат се подобро. Јас искрено не се плашам, но ако не бидеме фокусирани може да имаме проблеми. Тиквеш покажа дека е екипа за респект, ќе растеме се повеќе. Најважен е нашиот фокус, тоа што го тренираме да го пренесеме на теренот. Се подготвуваме квалитетно, и сметам дека не чека еден голем спектакл и со нашите „Лозари“ заедно да ја израдуваме кавадаречката публика“, смета Мајиќ.
Maјиќ не издвојува поединци од составот на Охрид и вели дека за сите подеднакво се подготвуваат.
„Јас никогаш не фаворизирам еден или двајца играчи, ова е колективен спорт, иако тие имаат добри поединци. Се спремаме за секој од играчите на Охрид колку што треба, а во сабота ќе го покажеме нашиот карактер, нашето единство. Сметам дека секој колектив треба да има играчи какви што имаме ние. Не сме само колектив на теренот, ние сме колектив надвор од него, тоа е многу важно. Можам само да ветам квалитетна игра во сабота, кој ќе биде подобар нека победи. Мислам дека нема да им дозволиме да однесат три бода од Кавадарци“, продолжи Мајиќ.
Во составот на Тиквеш се враќа капитенот Страхиња Симиќ, па ќе ја преземе улогата на пеналџија од Мајиќ.
„Не е важно кој ќе ги изведува пеналите, само ние да победуваме. Џабе е јас ако дадам 20 гола, а загубиме. Ова е колективен спорт. Мене ми е важно да бидеме здрави. Фала му на Бога, Симиќ се враќа во својот сјај, имаше тежок период зад себе. Тој е голем борец, фантастичен човек, знам дека и да не може да даде 100%, тој ќе даде 300% во сабота, не се сомневам во него“, заврши Мајиќ.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Охрид се игра во салата „Јасмин“ в сабота со почеток во 18:00 часот и овојпат нема сомнеж дека трибините ќе бидат исполнети до последното место.