Хрватскиот репрезентативен голман Доминик Кузмановиќ од летото 2026 година ќе стане нов член на Магдебург, еден од најсилните и најуспешни клубови во Европа.
Договорот меѓу актуелниот чувар на мрежата на Гумерсбах и европскиот гигант е веќе постигнат, а Кузмановиќ во Магдебург ќе формира голмански тандем со својот репрезентативен колега Матеј Мандиќ, кој во клубот пристигна минатата есен како замена за суспендираниот Никола Портнер.
Кузмановиќ важи за еден од најталентираните млади голмани во Европа, а светската афирмација ја стекна на Светското првенство 2025, каде беше еден од клучните играчи во походот на Хрватска до сребрениот медал.
Во моментов ја игра својата втора сезона во Бундеслигата со дресот на Гумерсбах, каде од наредната сезона ќе биде заменет од шпанскиот голман Биоска.
Пред преселбата во Германија, Кузмановиќ се истакна во дресот на Нексе Нашице, со кој во 2022 година настапи на Ф4 турнирот од Лигата на Европа, што беше и неговиот професионален пробив на меѓународната сцена.
Во меѓувреме, актуелниот прв голман на Магдебург, Сергеј Хернандез, од следната сезона ќе ја продолжи кариерата во Барселона, каде ќе го замени Емил Нилсен, додека Никола Портнер ќе побара нов предизвик во унгарскиот ПИК Сегед.

























