Ракометарите на Магдебург го совладаа ракометниот џин Барса со резултат 31-30(18-18) во второто полуфинале на ракометната Лига на шампиони. Во Келн во дуел кој го судеше македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорги Начевски видовме квалитетен модерен ракомет, кој не признава грешки. Одбранет седмерец, пречка или статива и разликата веднаш може да се забележи на семафорот. Токму затоа Барса имаше предност на воведот на овој дуел, а исто така тоа беше причината Магдебург комплетно да се врати на крајот од првиот дел. Улогите беа разменети во вториот дел.
Францускиот бек Нгесан го отвори резултатот откако го искористи првиот обид во првиот напад на Барса, по што следуваа неколку удари во пречката на двата гола. Се играш брз и агресивен ракомет, а во почетната „брканица“ на теренот профитираа шпанските прваци. Минималната разлика ја зголемија на „плус два“. Двете екипи имаа слична поставеност во одбраните кои започнуваа на линијата од шест метри во формација 6-0, а бргу се трансформираа во длабока агилна и агресивна зона. Тоа отвораше можност за брзите бекови да одиграат еден на еден и најчесто да профитираат. Нијансите кои ги даваше голманот на Барса, Нилсен и непрецизните удари на германскиот претставник им даде предност на актуелните освојувачи на Лигата на шампионите од три погодоци на почетокот на натпреварот.
Разликата се одржувуваше до самиот финиш на првиот дел кога Барса имаше напад за четири голови предност, но техничка грешка за Шпанците и брза контра на спортивната страна ја врати неизвесноста во овој дуел. Црвениот картон на столбот на обраната на каталонскиот гигант, Пиетрус дополнително го разниша составот на Барса. Магдебург преку Хорнке успеа да дојде до минимална негатива, но одличниот Дика Мем на спротивната страна постигна гол со играч помалку и не дозволи комплетен пресврт. Магдебург најави дека нема лесно да се предаде на 20 секунди до паузата кога Лагергрен успеа да го изедначи резултатот на 18-18, прв пат после 8.минута (5-5). Тоа беше и конечниот резултат на првото полувреме.

По нотите на првото полувреме Нгесан го отвори резултатот и во вториот дел, но овојпат немаше промашувања па во играта гол за гол, Барса го контролираше резултатот и минималното водство. Во второто полувреме голманот на Магдебург, Никола Портнер беше човекот кој правеше разлика, но неговите соиграчи не успеаа ја искористат. Промашените шанси скапо го чинеа бундеслигашот, а против Барса очекувано беше дека секоја грешка ќе се плати. Така во 41. минута актуелниот освојувач на Лигата на шампионите имаше предност од „плус три“ (24-21).
Во период кога Дика Мем не беше во нападот на каталонците, Барса имаше проблем со реализација, па затоа во 46 минути му дозволија на Магдебург да дојде до комплетен пресврт. По две промашувања, кои бундеслигашот ги казни, Макуц имаше непрецизно додавање кон пивот, а првото водство на натпреварот на Магдебург во 46. минута му го донесе првиот стрелец на натпреварот Магнусон со својот 9 гол. Следуваше нова грешка на средниот бек на Барса. Каталонците имаа среќа па место два разлика со престап и брз погодок на Ричардсон се вратија во игра.
Во вториот дел улогите беа променети, Магдебург го диктираше темпото и ја имаше контролата над резултатот, а Барса „бркаше“ негатива. Така беше до 52. минута и исклучувањето на Серадила од составот на Магдебург, кога каталонците постигнаа два гола на празна мрежа и имаа капитална предност пред финишот на полуфиналето.
Ниту двата гола предност не беа доволни каталонците прерано да се израдуваат. Одличниот германски тим во 55 минута повторно го израмни резултатот и најави голма борба до самиот финиш. Голманите беа ракометари на одлука во двете екипи, прво Порнер го одбрани ударот на Јанц, а потоа Нилсен одбрани седмерец. Макуц шутираше во стативата, Нилсен го одбрани нападот на Магдебург, кој имаше играч помалку на теренот, па Арињо лесно реализираше на празен гол.
Барса на 120 секунди до финишот имаше гол предност. Токму во тој период македонските судии заслужено им доделија директни црвени картони на Карслобогард и Арињо. А Магдебург на 70 секунди до крајот од пенал линијата го израмни резултатот на 30-30. Во драматичните секунди од крајот на второто полуфинале Барса преку Ричардсон се обиде кон голот на бундеслигашот, но Портнер го обрани овој удар. На дванаесет секунди до крајот на овој дуел тренерот на Магдебург, Вигерт побара последен тајм-аут на натпреварот, Во последната секунда од натпреварот во стилот на Чупиќ, Хорнке ги постави конечните 31-30 за победа на Магдебург.
Магнусон беше прв стрелец на дуелот со 11 голови за Магдебург, го следеше Хорнке со 7. Барса ја предводеше Дика Мем со 8 постигнати погодоци, Н’Гесан постигна 5, а Ричардсон 4 голови.
Во финалето Магдебург ќе се соочи со германскиот шампион Фуксе Берлин, а за бронзата ќе се борат Барса и Нант.