Репрезентацијата на Македонија дојде до трета победа во квалификациите за бараж за СП откако во последниот напад Јована Мицевска успеа да одбрани ицер и да донесе триумф од 20:19.
Во тежок натпревар беше обезбедена трета победа така што беше остварено она што девојките го ветија пред почетокот на квалификациите. Можеби не беа убедливи, но и еден разлика е доволно за два бода.
Првите десет минути од натпреварот минаа во испитување на силите. Долго се бараше игра со која ќе може да се одработи планираното односно да се дојде до нивото на кое беа ракометарките во текот на вчерашниот ден кога против Литванија доминираа на теренот.
Денеска после 5:5 во 10. минута како да му препуштија на противникот да ја води средбата. Проблемот беше во реализацијата бидејќи неколкупати топката заврши во статива или во пречка и тоа овозможи репрезентацијата на јужниот сосед да дојде до водство и од пет гола. Ова се случи во 28. минута кога реултатот беше 8:13, но добро беше што во последните моменти од првиот дел девојките постигнаа два гола за на одмор да биде 10:13.
За четири минути игра во вториот дел резултатот беше 11:15, а потоа следуваа минути на добра одбрана. Конечно беа запрени налетите на противникот, Мицевска одбрани неколку топки и во 42. минута резултатот беше израмнет на 15:15. Тука дојде до криза во нападот и на двете страни при што немаше голови, а откако Грција дојде до предност следуваа два гола за конечно да биде вратено водството. Македонија имаше 17:16 на 11 минути до крајот.
Тука веќе беше целосно преземана контролата, а водството беше два гола. Ристовска ги користеше ударите од седум метри, но мораше да се одигра мирно и концентрирано во нападот. Сепак, кога требаше да се потврди победата дојде до грешка во нападот. Капитенот Ѓеорѓиевска биеше над голот, а противникот на 35 секунди до крајот побара тајм-аут.
Во последниот напад гостинките долго бараа шанса за шут, а на крајот откако успеаја од лево крило, Мицевска застана цврсто и се промовираше во херој во големата победа над Грција за три од три во овие квалификации.
МАКЕДОНИЈА – ГРЦИЈА 20:19 (10:13)
Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Дијана Кармен Кулеи и Анамарија Стоја од Романија. Делегат: Ацо Николовски од Македонија и Зорица Машиќ од Србија.
МАКЕДОНИЈА: Мицевска (11 одб.), Петковска, Стојановска 2, Боризовска 2, Седлоска, Џатевска 1, Ѓеорѓиевска 2, Јанкуловска, Јовановска 1, Кипријановска, Ристовска 10, Ливриниќ 1, Стојковска, Дабевска, Гичевска 1, Николиќ.
Седмерци: 5/5, Исклучувања: 6 мин.
ГРЦИЈА: Кепесиду (10 одб.), Цикнаки, Аргиропуло, Кукмиси, Панајотиду, Зенели 1, Гациу 4, Зигура 4, Ментесиду 1, Василејаду, Кристопуло, Карела 1, Франко, Манија 1, Чаципарадису 6, Костополо 1
Седмерци: 4/4, Исклучувања: 2мин.