Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер денеска ги започна подготовките за вториот дел од натпреварувачката сезона 2024/25.
На првата прозивка во новата година недостасуваа неколку домашни и интернационални играчи поради репрезентативни обврски, но нивното отсуство беше надополнето со играчи од вториот тим.
Помошниот тренер на Еурофарм Пелистер, Алексо Лембанов, истакна дека овие подготовки ќе бидат добредојдени за најважниот дел од сезоната.
,,Започнуваме со подготовки во кои не сме во целиот состав, имаме доста играчи кои настапуваат за своите селекции на Светското првенство. Сепак, ние ќе работиме тука во Битола, ќе има еден забрзан и квалитетен ритам со процес на тренирање. Ќе работиме на сите аспекти од ракометната игра и физичката подготвеност. Имаме и четворица играчи од вториот тим на Еуроарм Пелистер, со цел да овозможиме квалитетен тренажен процес за сите. По подготовките почнуваме со Куманово, тоа ќе биде добра увертира за нас во Супер лигата, па ни следи пеколно темпо среда-сабота каде ќе имаме голем број на натпревари и патувања. Јануари ќе ни дојде добро да се подготвиме за сето тоа“, изјави Лембанов.
Вториот дел од подготовките, од први февруари, екипата на Еурофарм Пелистер ќе го реализира во соседна Србија, односно во Стара Пазова.
Битолчани првиот официјален натпревар во 2025 година ќе го одиграат на 8 февруари против Куманово на домашен терен.