Македонија ја совлада Швајцарија со 29-27 во последната рунда од Европското првенство и победнички го заврши настапот.
Избраниците на селекторот Кире Лазаров се покажаа во одлично издание и заслужено се радуваа. Тој смета дека Швајцарците се квалитетна селекција, а клучот за нашата победа се намалениот број на технички грешки.
„Задоволен сум од денешниот меч, не е елсно да се победи Швајцарија, тие покажаа дека се квалитетен ривал и можат да играат против најдобрите. Имаат многу искусни играчи. Моите ракометари беа одлични сите 60 минути, немавме многу технички грешки, што ги имавме претходно. За нас беше важно да завршиме на третото место за да имаме полесен ривал во квалификациите за СП 2025“, вели Лазаров.
Следен предизвик за Македонија ќе биде бараж двомечот за Светското првенство во 2025 година, а ривалот ќе го дознаеме на 27 јануари.