Тимот на Чаир досега во сезоната забележа шест победи на шест одиграни натпревари. Избраничките на Басри Љатифи кој има одличен ростер на располагање, победи против Скопје, Ѓорче Петров 2, Астибо и Стружанка, јасно е дека оди во плеј-офот, па без никаков притисок ќе ги очекува останатите четири средби од регуларниот дел на сезоната во Женската лига.
На меѓународна сцена, во Европскиот Куп, Чаир два пати го победи тимот на Керженг од Луксембург, и го повтори досега најдобриот клупски резултат – пласман во третото коло ова ова натпреварување.
Чаир ќе се соочи со португалскиот тим Колехио Де Гаиа во третото коло, а првиот меч ќе се игра во Португалија. Реваншот е во Скопје, па Чаир има убава можност за прогрес. Тренерот Љатифи е задоволен од ждрепката.
„Задоволни сме од противникот што го добивме. Ждрепката можеше да биде подобра, но можеше да биде полоша и да добиеме покомплексен ривал. алку знаеме засега за оваа португалска екипа, но по последните резултати гледам дека се во некоја мала криза. Сметам дека Чаир може до историски успех оваа сезона во Европскиот Куп и се надевам дека најмалку ќе го поминеме ова трето коло, а зошто да не се пласираме и во четвртфиналето“, изјави Љатифи.
На домашна сцена, Чаир минатата сезона го освои второто место во Женската лига, имаше само три порази на 26 меча, а оваа сезона има четири од четири и нема сомнеж дека од првото место од групата А ќе се пласира во плеј-офот.
„Амбициите за оваа сезона повторно ни се големи. Сакаме пласман во ТОП 3 во Женската лига и најмалку да обезбедиме финале во Купот, а зошто и да не го освоиме“, заврши Љатифи.
По европските обврски, Чаир одигра еден меч со Астибо, му следуваат уште два против Ѓорче Петров 2 и Стружанка, пред ЕХФ неделата, доаѓа уште еден дуел од Женската лига пред дуелите со португалскиот тим Колехио Де Гаиа на 9/10 и 16/17 ноември, а до крајот на годината остануваат Куп средбите, како и првите две средби од плеј-офот.