Кузмановски: Покажавме ниво од Лига на шампионите

Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер на свој терен славеше против Алкалоид со убедливи 13 гола разлика, 33:20, во натпреварот од 19. коло од Супер лигата и ја презеде лидерската позиција на табелата.

Во победничкиот тим повторно шутерски расположен беше Филип Кузмановски, кој воедно беше и најефикасен на натпреварот со 11 погодоци.

Капитенот по убедливиот триумф ги сподели своите импресии и истакна дека со ваква игра, неговиот тим може да ја одбрани домашната титула.

,,Кажав дека доколку ни се пружи шансата ќе ја зграпчиме со двете раце и пред оваа публика ни се пружи шансата која максимално ја искористивме. Покажавме ниво од Лига на шампиони, со цврста одбрана, без многу технички грешки и со помош на публиката и навивачка група ,,Чкембари” и со ваков пристап, и со ваква полна сала мислам дека се стигнува до високи цели – до титула, тоа е она што го посакуваме, имаме квалитет и веруваме во тоа”, изјави Кузмановски.

Лидерот на пелистерци вели дека целосно биле фокусирани за денешниот натпревар.

,,Имавме време да се фокусираме максимално, сите сме свесни како почна сезонава, Алкалои ни направи малку турбуленции на почетокот на сезонава, имавме промени и на тренерот, но денеска бевме мотивирани, сакавме да се реваншираме, а Алкалоид е една одлична екипа, со многу репрезентативци кои се сите мои колеги, респект кон нив, тие се еден млад тим, добро работат, нека продолжат така, јас сакам да им честитам за фер играта и денеска ние бевме подобри, повеќе ја посакувавме победата и морам да го пофалам и голманот Митревски без кои не можеме”, истакна Кузмановски.

Еурофарм Пелистер ќе има малку време за да се подготви за натпреварот со Фуксе Берлин.

,,Имаме долг пат до Берлин, а нивниот тим е главен кандидат за титулата во Бундес лигата и во Лигата на шампионите, не треба да се трошат зборови за нивните играчи, ние таму ќе одиме релаксирано,, но нормално, одиме на победа и Еурофарм Пелистер има капацитет за да оди на победа таму”, заврши Кузмановски.

Ниту Д од дерби: Пелистерци ги торпедираа „сино-белите“!