Тимот на Атлетик, кој сосема извесно од наредната сезона ќе биде дел од елитната женска конкуренција, ја продолжи соработката со уште една ракометарка.
Потпишан е нов договор со средниот бек Исидора Котевска, кој е со важност до 2029 година, па младинската репрезентативка ќе остане најмалку уште три сезони во тимот на Татјана Хмирова.
Со овој потег Атлетик покажа дека работи на долги патеки и дека планира да игра важна улога во македонскиот ракомет. Претходно на три сезони беше продолжена соработката и со капитенот Матеа Чурлиновска и со Анастасија Величковска.
Котевска потекнува од Прилеп, беше дел од Филип Вардар, па од школата Макалоски и од Деспина, а откако се пресели во главниот град играше за Ѓорче Петров и Металург Автокоманда до 2025 година. Од лани летото настапува за Атлетик.
Атлетик ја заврши полусезоната со 11 победи на 11 натпревари и максимален број на бодови по есенскиот дел во Првата лига.
























