Кичево загуби и ја испрати Јехона во плеј-оф, Драчево победнички против Скопје

Екипата на Јехона е последниот патник во прволигашкиот конкурс, откако Кичево загуби убедливо во Автокоманда од Мулти Есенс со 52:14 (25:6).

Ракометарите на Кичево требаше да победат за да останат во игра за евентуален пласман во плеј-оф фазата, но доживеаја висок пораз.

Победничката екипа беше предводена од Младен Тарчуловски и Марко Каркалашев, двајцата постигнаа по седум погодоци.

Во тимот на Кичево повеќе од пола погодоци ги постигна Стефан Стефаноски, кој натпреварот го заврши со девет реализации.

Драчево немаше проблеми против Скопје, триумфираше со 43:27 (21:12) и дојде до десетта победа во новата сезона.

Кристијан Ташевски со 12 погодоци беше прв стрелец кај домаќините, а девет додаде Димитар Петковски. Кај Скопје се истакна Дарко Рангелов со шест погодоци, по пет имаа Александар Антиќ и Андреј Кочески.