Како може Бутел, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп да се пласираат во плеј-оф

Последното коло од регуларниот дел на сезоната треба да реши кој ќе биде шестиот патник во плеј-офот, а за тоа место конкурираат, теоретски три екипи: Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп. Секој има свои шанси, некои зависи од самиот себе, а некој тим ќе мора да игра, но и да смета на услуга од другите. Тиквеш беше последниот клуб што обезбеди место во плеј-офот, и останува уште едно место.

Во вторник треба да се одигра средбата меѓу Охрид и Бутел Скопје која беше одложена поради настапот на охриѓани во Купот на ЕХФ, но тие се апсолутни фаворити. Претпоставка е дека бодовите ќе останат во Охрид, иако во спортот изненандувањата се секогаш возможни.

Но под претпоставка дека Бутел ќе остане на сегашните 20 бода и ќе влезе од шестото место на табелата, ќе има еден бод предност во однос на Еурофарм Пелистер 2 кој има 19 бода, а Прилеп заостанува зад двата тима и има 18 бода. Што им е потребно на екипите за да играат во плејофот.

Двојки за 22 коло:
Бутел – Тиквеш
Еурофарм Пелистер 2 – Струга
Прилеп – Радовиш
Табела:
6. Бутел – 20 бода
7. Еурофарм Пелистер 2 – 19 бода
8. Прилеп – 18 бода

БУТЕЛ (20 бода): Скопјани во последното коло се домаќини на Тиквеш. Кавадарчани веќе се пласираа во плеј-офот, и на овој меч нема да имаат никаков резултатски притисок. За Бутел да биде сигурен, потребно е да победи. Во тој случај ќе има 22 бода, исто колку и Тиквеш.

Доколку мечот заврши нерешено, тогаш Бутел ќе има 21 бод, и можно е да има ист број бодови како и Еурофарм Пелистер 2. Ако имаат ист број бодови, во предност е Бутел бидејќи во меѓусебните дуели со битолчани имаат победа и реми.

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 (19 бода): Битолчани се домаќини на Струга која е аутсајдер. За вториот тим на битолчани единствена опција за плеј-оф е да победи на средбата со Струга, но и да чекаат пораз на Бутел од Тиквеш. Во тој случај Еурофарм Пелистер 2 би имал 21 бода, а Бутел 20.

Доколку имаат ист број бодови со Бутел, во предност е скопскиот тим кој има подобра меѓусебна бодовна разлика (победа и реми).

ПРИЛЕП (18 бода): За прилепчани пласманот во плеј-офот е во домен на теорија и зависи од многу фактори. Тие во последното коло се домаќини на Радовиш и мора да победат. И со тој триумф прилепчани ќе зависат од средбите на Бутел и на Еурофарм Пелистер 2.

Тие ќе мораат да загубат, за да останат на сегашните бодови. Во тој случај Прилеп би бил на 6. место бидејќи има подобра меѓусебна гол разлика со Бутел. Секоја друга комбинација не е во прилот на прилепчани.

СИТЕ ЕКИПИ ДА ИМААТ ИСТ БРОЈ БОДОВИ:
Во случај сите три екипи да имаат ист број бодови – во предност ќе биде Бутел кој има најдобра бодовна разлика, и гол разлика. Тогаш ќе се прави мини табела од меѓусебните натпревари на трите екипи.

Бутел би имал 5 бода, исто колку и Еурофарм Пелистер 2, а Прилеп би имал само 2 бода. Бутел има гол разлика 115-113, а Еурофарм Пелистер има гол разлика 116-117, односно поради два гола скопјани се подобри.