Кадетите и младинците на 29 февруари ќе ги дознаат ривалите на ЕП

Машките кадетска и младинска репрезентација на Македонија на 29 февруари ќе ги добијат ривалите за групната фаза на Европските првенства што ќе се играат претстојното лето во Црна Гора и Словенија. На континенталните собири ќе учествуваат по 24 селекции, за првпат во историјата.

Европските првенства ќе имаат и нов систем на играње, кој е малку комплициран. Згора на се, и младинците и кадетите ќе бидат рангирани во третиот, односно четвртиот шешир, па нема да имаат лесни ривали во групната фаза.

Ќе бидат формирани шест групи по четири екипи, а по одигрувањето на трите меча од групната фаза, 24 селекции се делат во три дела – главна рунда со осум репрезентации, разигрување за пласман на СП со осум репрезентации и разигрување за пласман и опстанок на ЕП со осум репрезентации.

Она што е сигурно е дека ќе се одиграат 96 натпревари на ЕП, а секоја репрезентација загарантирано ќе одигра по осум натпревари (три во групна фаза, три во главна рунда/разигрување за место на СП/разигрување за опстанок и плус два меча за пласман).

Само првопласираните шест селекции по групната фаза имаат загарантирано место во главната рунда, а дополнително уште две второпласирани ќе играат во главна рунда. ЕХФ треба да го потврди и начинот на кои ќе бидат одредени тие селекции и како ќе се формираат групите за разигрување за место на СП и оние за опстанок на ЕП.

Сите детали околу системот на играње, пропозициите што ќе важат во двете категории и рангирањето пред ждрепката на 29 февруари, ЕХФ ќе ги објави во најскоро време.

Европско првенство, кадети, Црна Гора (7-18 август)

Македонија, Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Данска, Исланд, Унгарија, Словенија, Португалија, Норвешка, Франција, Србија, Фарски Острови, Италија, Чешка, Австрија, Израел, Полска, Црна Гора, Швајцарија, Романија, Украина, Грција

Европско првенство, младинци, Словенија (10-21 јули)

Македонија, Шпанија, Шведска, Германија, Унгарија, Хрватска, Данска, Норвешка, Португалија, Фарски Острови, Исланд, Словенија, Црна Гора, Србија, Франција, Полска, Италија, Чешка, Израел, Швајцарија, Австрија, Украина, Романија, Грција