Kaде ќе игра Македонија на ЕП – Хернинг, Осло, Кристијанштад или Малме?

Maшката репрезентација осми пат по ред ќе се најде на континенталните собири, а по 2020 година, кога се играше во три држави – Австрија, Шведска и Норвешка, сега одново ќе се игра во исто толку.

Домаќини се Данска, Шведска и Норвешка, a натпреварите ќе се играат во четири града – Хернинг, кој е домаќин на две групи од прелиминарната фаза, една група од главната рунда и финалниот викенд, Осло, кој е домаќин на две групи од прелиминарната фаза, Кристијанштад, каде ќе се игра една група од прелиминарната фаза, како и Малме, кој ќе биде домаќин на една од прелиминарната фаза и на една од главната рунда.

Организаторите веќе распоредија три репрезентации како „домаќини“ во три групи, па така Германија ќе биде во Хернинг во групата А, Фарски Острови во групата Д во Осло, а Исланд во групата Ф во Кристијанштад е Исланд. Од домаќините Данска е во Хернинг во групата Б, Норвешка во групата Ц во Осло, додека Шведска ќе игра во Малме во групата Е.

Од аспект на македонски навивач, најверојатно опцијата со играње во шведскиот град Малме е најдобра варијанта, не само поради пониските цени во споредба со Данска и Норвешка, туку и поради македонската дијаспора во Шведска, директните летови со нискобуџетна компанија од Скопје за Малме, бројноста на сместувачките капацитети…но тоа би значело и група со домаќинот Шведска од првиот шешир. Нема да биде лоша опција ниту Кристијанштад.

Хернинг не е посакувана дестинација, не поради тоа што таму ќе бидат Данска и Германија, туку поради малиот број сместувачки капацитети, кои веќе се букирани повеќе од 80% и поради лошите авио-конекции, но и високите цени.

Осло е рангиран некаде „помеѓу“ Хернинг и шведските градови. Иако Норвешка важи за најскапа дестинација меѓу трите домаќини, има поширок избори на сместување, има и директен лет од Скопје и до главниот и до споредниот аеродром со нискобуџетна компанија, а во Осло ќе играат и Фарски Острови, селекција од вториот шешир, против која Македонија има позитивно искуство, барем на мечот во Скопје од баражот за СП 2025.

Кои ривали ќе ги добие нашата репрезентација и во кој град ќе игра ќе дознаеме некаде околу 20:00 часот, по ждрепката во данскиот град Хернинг, што е закажана за 15 мај од 19:00 часот.

ЕХФ потврди – еве од кој шешир Македонија ја чека ждрепката за ЕП