Ја водеше Македонија на ЕП и СП – сега со Србија се подготвува за камбек на големите натпреварувања

Раул Гонзалез повторно е дел од големата европска сцена, овојпат како селектор на машката репрезентација на Србија. Шпанскиот стручњак, кој зад себе има богата играчка и тренерска кариера, ЕП 2026 го дочекува како свој прв голем турнир во новата улога, по седум години поминати во францускиот гигант ПСЖ. Претходно со Вардар беше европски првак во 2017 година, а ја водеше и репрезентацијата на Македонија на ЕП 2018 година во Хрватска, како и на СП 2019 во Германија и Данска.

Како играч, Гонзалез освои два сребрени медали на ЕП во 1996 и 1998 година, а како тренер веќе има оставено длабока трага и на репрезентативно и на клупско ниво. Посебно значаен дел од неговата кариера е периодот поминат во Македонија, каде што како тренер на Вардар го освои трофејот во Лигата на шампиони во 2017 година и ја предводеше македонската репрезентација до 11. место на ЕП 2018. Токму тоа искуство, како што самиот истакнува, му дава дополнителна предност и во новата улога.

Гонзалез нагласува дека добро го познава менталитетот на луѓето на Балканот и дека зборува македонски јазик благодарение на годините поминати во Вардар. Според него, времињата кога репрезентациите беа резервирани исклучиво за домашни селектори се минато, а најважно е знаењето, искуството и способноста да се адаптираш на средината.

По завршувањето на договорот со ПСЖ, Гонзалез потпиша тригодишен договор со српската федерација и веднаш започна со интензивна работа. Се пресели во Белград и е во постојан контакт со тренерите од домашната лига, како и со младинските селекции, со посебен фокус на развојот на младите играчи. Според него, Србија располага со голем потенцијал и многу таленти кои можат да ја обликуваат иднината на националниот тим.

„Работата со репрезентација е сосема поинаква од клупскиот ракомет. Времето е ограничено, подготовките се кратки, а фокусот е насочен кон еден турнир. Секој тренинг и секој собир има посебна тежина, а никогаш однапред не се знае на кои играчи ќе може да се смета во клучните моменти“, вели Гонзалез.

На Европското првенство 2026, Србија ќе игра во исклучително тешка група, заедно со Шпанија, Германија и Австрија. Гонзалез отворено признава дека жребот не е поволен, но истакнува дека тимот е целосно фокусиран на првиот натпревар, кој секогаш има огромно значење на вакви турнири.

„Мотивацијата во нашиот тим е исклучително висока, а играчите се желни да се докажат и да дадат максимум за репрезентацијата. Целта е чекор по чекор да се оди напред, без големи најави, но со јасна амбиција да се избори пласман во главната рунда“, продолжи Гонзалез.

Долгото присуство во ракометниот свет носи и чести средби со поранешни соиграчи и колеги, па дуелите со Шпанија, како и со шпанските селектори на клупите на противниците, за него не претставуваат ништо необично.

„Кога долго си во ракометот, таквите средби стануваат нормални“, вели тој.