Ракометарите на Струга на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 беа поразени со 22:17 во натпревар од 13. коло од Супер лига.
До последното коло ќе има неизвесност која екипа од овие две, последна ќе им се приклучи на вицепрвакот, Тиквеш и Охрид во суперлигашкиот плеј-оф.
Струга има 18 бода, додека вториот тим на македонскиот шампион заостанува на три бода, на свое конто има 15. Стружани во последното коло ќе играат со Аеродром, додека Еурофарм Пелистер 2 со Куманово.
Најефикасниот на натпреварот, црногорскиот интернационалец Мерињ Бошњак, кој постигна осум погодоци, вели дека заедно со неговите колеги извлекле поука од денешниот пораз.
,,Денес едноставно Еурофарм Пелистер 2 беше подобар во сите сегменти во играта, им честитам на победата. Ние одигравме лошо во нападот, примивме доста лесни погодоци, но сега ни претстои многу важен натпревар со Аеродорм, натпревар кој ќе одлучува за се она што го работевме овие шест месеци, а тоа е да избориме пласман меѓу најдобрите осум екипи. Извлековме поука од денешниот пораз и одиме да бидеме најдобрата верзија од себе на натпреварот против Аеродорм. Верувам во нашиот тим и со поддршка на нашите навивачи верувам дека ќе победиме и ќе обезбедиме пласман меѓу најдобрите”, изјави Бошњак.
Стружани пред дуелот со Аеродром ќе играат против екипата на Астраион во рамки од елиминациското коло во Купот на Македонија.
Еурофарм Пелистер 2 ја реши Струга, продолжува неизвесноста за билет за плеј-оф