Младинскиот погон на ЖРК Вардар имаше одлична сезона која ја заврши како шампион кај кадетките и младинките. За ваквиот клупски успех честитките одат на сметка на ракометарките, но и за стручниот штаб, во чии редови е и поранешната репрезентативка и интернационалка Марија Папуџиева. Популарна како Маја, Папуџиева по пауза од неполна година (поради мајчинство) на полусезона се врати на тренерските обврски и тоа веднаш е крунисано со успех.
Во времето кога РК и ЖРК Вардар „жареа и палеа“ во Европа, Папуџиева беше „девојката покрај теренот“ односно имаше функција на „флор менаџер“ и беше една од главните алки во администрацијата на клубот. (Оваа функција се уште ја има и денеска во РК Вардар). Паралелно беше и координатор на вардаровата Академија.
За себе ќе каже дека била ракометарка која играла секаде во Македонија, а интернационалната кариера ја гради во Грција, Норвешка и Турција. Таа е дел од првата женска младинска репрезентација која настапила на едно големо натпреварување, СП 1995 во Бразил. Подоцна со сениорскиот тим го одржува континуитетот настапи на ЕП и СП, а нејзината кариера завршува по Европското првенство 2012 во Србија.
Марија потекнува од спортско, ракометно семејство. Нејзиниот татко, Дражо Папуџиев е сега веќе делегат во пензија, а претходно и ракометен судија и делегат. И нејзиниот брат Панче, одреден период, е ракометен судија.
„Потекнувам од спортско семејство. Татко ми своевремено бил ракометар, а потоа е судија и делегат, тој е меѓу првите македонски делегати со ЕХФ значка. Она на што е особено горд е што бил претседател на Судиски збор – тоа е здружение на судии на град Скопје каде секоја недела се собирале ракометните судии во Градска Софка и разработувале теми, анализирале, дебатирале за одредени ситуации… Тој никогаш не настојувал и не форсирал да бидам ракометарка. Од денешна гледна точка, почнувам доцна, на 13 години, кога наставникот на училиште нè открива мене и Тања Андрејева како таленти. Играме за училиште, а потоа почнувам и во клуб ЖРК Вардар ми е матичен клуб, а Никола Зиков – прв тренер. Потоа продолжив да тренирам со Ристо Трпчевски. Почнав во младински погон и како поталентирана се издвоив и многу брзо, веќе на 16 години, бев во првиот тим каде делев минутажа со Олгица Тодоровска“, се потсети на почетоците Папуџиева.
Таа е дел од генерацијата на ЖРК Вардар која прави сензација во период кога Кометал Ѓорче Петров е доминантен на македонската женска ракометна сцена, ги победуваат во полуфинале и го освојуваат Купот на Македонија.
„Убави времиња! Тоа е 1994 година, кога Вардар го води Марјан Начевски и кога во полуфиналето го победивме Кометал Ѓорче Петров. Сензација, мислам дека се изненадивме и самите себе си (се смее). Имавме добра екипа и две странски ракометарки, и го освоивме Купот победувајќи го Унипроком Скопје во финалето. Целта на клубот беше да се игра Европа, но бевме елиминирани уште во првото коло од квалификациите за Лига на шампиони од словенечка екипа. Во Македонија имам играно секаде. (се смее) Тогаш постоеше двојна регистрација и со неа можеше да настапуваш и во Прва и во Втора лига, па така имам играно буквално секаде. Вардар, Скопје, Велес, Гостивар, Кавадарци, Богданци – Кабран Амбалажа, во Прилеп… Имав голема желба да бидам среден бек, но ми рекоа дека немам висина за таа позиција и целата кариера играв десно крило.“
ГРЦИЈА, НОРВЕШКА И ТУРЦИЈА
На 20 години Марија го има првото интернационално искуство, а во кариерата ќе игра и во Норвешка и во Турција, каде и ќе стави крај на играчката кариера.
„Првото интернационално искуство го имав на 20 години кога заедно со Славе Атанасовски – Чаве поминав една сезона во Верија, Грција. Потоа се вратив во Скопје, играв во неколку клубови во Македонија и во Прилеп каде тренер ми беше Ристо Магдинчев на мојата позиција ангажираа Црногорка и се одлучив да заминам повторно во странство. Играв во Норвешка, клубот се викаше Јотун. Потоа во сезоната 2001/2002 заминав во Анкара, а од таму со Билјана Црвенкоска заедно отидовме во Ускудар во Истанбул. Во Турција ќе ставам крај и на играчката кариера, но не на начин на кој посакував. Имав потпишано за Бодрум, но во последен момент откажа спонзорот и пропадна клубот.“
МОЖЕВМЕ ДА НАПРАВИМЕ ПОГОЛЕМ УСПЕХ НА ЕП 2012
Што се однесува до репрезентативната кариера Марија Папуџиева може да се пофали дека го носела националниот дрес во време кога сето внимание од РФМ било насочено кон женскиот ракомет, кој има континуитет на големите натпреварувања и бележи успеси.
„Бев дел од првата женска младинска репрезентација што воопшто настапила на едно големо натпреварување – Светското првенство во Бразил во 1995 година. Тогаш со Валентина Радуловиќ и со Владимир Радиќ како селектор, паметам дека со вајлд-карта игравме на Мундијалот и беше големо доживување за нас. Фатив убав период во националниот тим кога женскиот ракомет беше во прв план и кога имавме континуитет на големите натпреварувања, имавме резултати. По СП 1997 во Германија кога направивме ’бум’ тоа беа денови на експанзија на женскиот ракомет. Мојата репрезентативна кариера завршува на ЕП 2012 во Србија, кога не предводеше Гино Стрезовски. Ме боли душата за тоа првенство! Имавме многу големи шанси и амбиции ама не ги искористивме правилно и многу ми е жал поради тоа. Во Србија мислам дека можевме да направиме многу поголем успех. Со исклучок на првиот меч со Франција на кој кикснавме, на другите два натпревари со Данска и Шведска игравме егал до 30-та минута. Зошто второто полувреме не го одигравме како што треба, тоа не ми е јасно? Мислам дека ни недостасуваа некои работи… Не бевме воопшто лошa репрезентација, преку квалификации обезбедивме место на тоа првенство и верувам дека имавме и квалитет и капацитет да направиме поголем резултат“, анализира Маја и продолжува: „Од моето искуство женска репрезентација беше секогаш во прв план, имавме резултат и акцентот беше на нас. Сега е поинаку! Изминатава деценија и повеќе мажите се оние кои имаат успеси и континуитет на големи натпреварувања и затоа тие се во центарот на вниманието. Порано паметам и со младите селекции одевме на турнири, игравме Балканијади, сега го има тоа, но повеќето се за момчињата отколку за девојките.“
ФИНАНСИИТЕ ГЛАВНА ГЛАВОБОЛКА
Што е она што е различно од тогаш до сега? Што е она што недостасува?
„Недостасува квалитет! Од короната има промашени генерации, нема доволно деца, немаме услови, немаме сали, немаме пари. Конкретно во општина Аеродром на секое игралиште има кошеви за кошарка. Голем дел од салите немаат ни терен според пропозиции за ракомет. Кој клуб во женскиот ракомет има пари да плати за сала со сите стандарди!? По пропаѓање на Академиите на Металург и Вардар реално нема доволно деца. Интерес постои, но тие тренираат до одредена возраст, можеби додека одговараат за мини-ракомет, а потоа каде да одат? Имаме клубови, да, но тие располагаат со истиот кадар – една генерација од 20 девојки игра од пионерки до сениорки. Зошто? Затоа што немаме пари за термини во салите за секоја генерација посебно. Женската лига во Македонија е полу-професионална, да не речам аматерска. Најстарата ракометарка во нашата Прва лига има колку – 22 години? Во моето време играа странски играчи од 30-35 години за да играат, а сега во сениорската лига играат кадетски и младинки. Репрезентативките сите играат надвор од Македонија“, потенцира Папуџиева.
Парите се главниот проблем за сите клубови.
„Недостасуваат пари, финансии… Недостасуваат странски играчи. Колку и да сме ние против нив, факт е дека сосем поинаку ќе биде кога ќе имаш странци во екипите и во Лигата. Се крева квалитетот. Тренерот те учи некои работи, но не може сè. Има нешто што се учи од поискусните (со)играчи, на терен. Ние го имавме тоа кога бевме играчи и затоа можевме многу полесно да одиме напред, сега нема такво нешто. Ние тренерите од нашето искуство и она што го знаеме како теорија – го пренесуваме, ама друго е кога ќе имаш квалитетен играч со тебе во екипа, некој кој ќе ти биде пример. Квантитет имаме, но од него не може да извадиме квалитет. Потребно е да се појави некој како Сергеј Самсоненко за да го ’живне’ женскиот ракомет.“
РАБОТА И ПОСВЕТЕНОСТ СЕ ОСНОВАТА ЗА ТИТУЛИТЕ
Покрај овие проблеми со кои се соочува женскиот ракомет ЖРК Вардар сезонава е шампион во две младински првенства – кадетки и младинки. На што се должи тоа?
„Тоа се должи на посветеноста на тренерите, на макотрпната работа заедно со децата. Се должи на тоа што заедно со Анжела Платон и Даниела Новевска, со управата, по цели денови сме во сала, безрезервно се вложуваме. Морам да потенцирам дека тоа се генерации кои минаа низ ’рацете’ на Платон, таа беше главниот филтер. Кадетките ги превземав на полусезона кога делевме прво место на табелата со Струга. Но успејавме да ја победиме Струга, а потоа и нивниот кикс во Скопје ни го запечати првото место и титулата. Ова се генерации која се создаваат откако Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева го превземаа ЖРК Вардар и ова се девојчиња на Платон со кои продолживме да работиме. Работеме напорно, резултатите и успесите го потврдуваат тоа и тие се и најдобра препорака за нашиот начин на работа и почнавме полека да се шириме. Од оваа година имаме школа и во СЦ ’Марко Божиновски’ каде со нашата ангажираност и работи привлекуваме се повеќе внимание и имаме се повеќе деца.“
ЗАГУБЕН Е СПОРТСКИОТ МЕНТАЛИТЕТ КАЈ МЛАДИТЕ
Еден од главните проблеми со кои се соочуваат сите клубови (особено женските) е раното откажување од спортот, односно ракометот.
„Денешните генерации се многу поинакви и работите се многу сменети. Децата не го сфаќаат спортот како начин на живот и има многу откажувања. Постојат и родители кои се обидуваат да влијаат, а и го нема спортскиот менталитет. Оној ментален склоп да се бориш со конкуренцијата, таа издржливост, трпение, инат – загубено е тоа. Конкуренцијата не ги тера да тренираат повеќе и да бидат подобри, да се изборат за своето место, туку ако не се во прва постава се откажуваат (ова давам пример). Мислам дека во периодот на короната се случи крахот, сега полека пробуваме да испливаме на површина. Во машки ракомет е подобра ситуацијата, има и поголем интерес и повеќе екипи. Женските клубови сега се будат, Ѓорче Петров работи многу, Вардар, Струга исто така вложува во младите, Делчево…“
„ФЛОР МЕНАЏЕР“ И КООРДИНАТОР ВО АКАДЕМИЈА
Пред да заплива во тренерски води (денеска не е само тренер на кадетската екипа на ЖРК Вардар, туку и професор во ракометната Академија) Папуџиева шест месеци по ставањето крај на играчката кариера ќе му се врати на ракометот, но како административен работник и ќе игра важна улога во РК и ЖРК Вардар во времето на Сергеј Самсоненко.
„Пола година одмарав од ракомет откако ја завршив кариерата, а потоа ми се јави Ане (Михајловска/Стојков) и ми понуди работа во РК Вардар, кој тогаш го предводеше Доне (Андон Бошковски) Ги работев видео-анализите за натпреварите таа полусезона, се до доаѓањето на Раул Гонзалез, Симиќ… Потоа добив нова функција – флор менаџер. Тоа е човек кој според пропозициите на ЕХФ мора да го има секоја екипа која игра вво Лигата на шампионите и кој се грижи за сите организациски детали на натпреварот. Неговата функција е можеби на висина на главниот супервизор на натпреварот. Јас бев главна и одговорна за секој детал на натпреварот, од бришачи на теренот, до осветлување, кореографија, ТВ пренос – сè мораше да мине преку мене. Паралелно со тоа добив функција и во Академијата на Вардар, бев координатор и работевме заедно со Тања Медвед. По нејзиното заминување, последните две години останав сама, и го превземав и тоа, но нормално тогаш имав и тим на луѓе со кои работев.“
„Во Академијата ги следев младите категории и тука научив кој е најдобриот начин на работа со нив- преку турнири. Тоа е разликата која ја прават парите! Во времето на Самсоненко салата ни беше 24/7 на располагање и имавме тренинзи кога сакаме. Сакавме турнир – одевме на турнири или организиравме. Сега за да направиш нешто мора да правиш калкулации и комбинации. Без спонзор и финансии, немаме слобода, нема начин како да го направиш и организираш она што ќе им овозможи на децата да играат повеќе натпревари и да стекнат поголемо искуство. Не се потребни некои големи сретства. Според мене турнирите на меѓународно ниво за млади категории се дури и поважни од домашната лига. Кога ќе излезеш надвор ќе видиш на кое ниво сме, што недостасува, до каде сме во однос на другите земји од опкружувањето или Европа, она на што треба да се посвети внимание во иднина. Сите кои работиме во женскиот ракомет сакаме да успееме. Но и ние тренерите работиме по две-три работи за да може да постигнеме нешто. Јас во моментов сум во организација, односно ’флор менаџер’ и координатор на млади категории во РК Вардар, тренер на кадетската екипа во ЖРК Вардар и работам како тренер во ракометната Академија.“
ВАУЧЕРОТ ГО „УБИ“ КВАЛИТЕТОТ
Папуџиева смета дека критериумите кои ги имаме за добивање спортски ваучер имаат и тоа какво влијание врз квалитетот при создавањето на идните ракометни генерации.
„Од една страна признавам – ако го нема тој ваучер, јас нема да имам работа како тренер, но од друга страна сите чекаат на ваучерот, а поради него немаме квалитет. Критериумите дозволуваат мене ако ми текне да си отворам школа со младински погон, кој притоа финансиски нема многу да ме чини, и ќе освојам прво, второ, трето место и ќе можам да земам ваучер за школата. Ме интересира кој е фит-бекот од таа работа? Каде се играчите и генерациите кои ги создаваме? Тука е проблемот, сè е на квантитет, а квалитет нема во тоа. Целата ситуација е разочарувачка за девојчињата и мислам дека и затоа предвреме се разочаруваат, се откажуваат – нема што да ги мотивира. Не мислам само финансиски, туку конкретно – квалитетот на Лигата. Разликата е огромна, небо – земја, или победуваш со 20 разлика или губиш со 20 разлика. Индира убаво вели дека е подобро е да имаме Суперлига со шест екипи кои имаат пари и знаат дека може да го издржат првенството, а имаат и квалитет за добри, силни натпревари. Другите клубови да играат во Прва лига, ама тоа не им одговара на повеќето.“
КОЈ ЌЕ ЈА НАСЛЕДИ СЕЛЕКЦИЈАТА ОД ЕП 2024?
Марија Папуџиева беше дел од генерацијата која во 2012 преку квалификации обезбеди настап на ЕП во Србија и дури 12 години подоцна, односно минатиот месец женскиот сениорски национален тим успеја преку квалификации да обезбеди место на еден континентален собир. Какви се очекувањата?
„Се радувам за девојќите и за тоа што се изборија за учество на ЕП, го заслужија тоа. Ќе навивам за нив и тие ја имаат мојата поддршка без оглед на сè. На некои од ракометарите ова ќе и биде последен настап во репрезентацијата и ме плаши таа констатација затоа што кој ќе ги наследи нив? Ние немаме возрасни играчи. Деца го водат сениорскиот ракомет во Македонија и тоа не е ни поради мене, ни поради другите, туку поради отсуството на финансии и на интерес да се финансира во женскиот ракомет. Дури и сега да дојде некој и да даде пари, залудно е, веќе имаме преголема ’дупка’ – тие промашени генерации за кои зборував. Во ЖРК Вардар со Сергеј од една страна беше убаво, но од друга страна тоа беа странски играчи, многу малку од Македонките добија шанса. Не знам дали и тој фактор играше улога – разочарувањата поради странски играчи, а покрај нив беше тешко да се добие шанса. Но, и во мое време имаше странски играчи и натурализирани во репрезентација. Многупати не сум добивала доволно шанса поради нив, ни на клупски, ни на репрезентативен план, но јас сум се носела со притисокот, сум сакала и сум останала да тренирам и покрај тие ’пречки’ – така да ги наречам и сум се изборила за моето место.“
РАКОМЕТ И МИА
Марија открива дека во последниве година дена откако стана мајка, работата и ќерката Миа се единствените работи кои го окупираат целото внимание и енергија. Помош и поддршка има од сите страни и без нив не би успеала.
„Функционирам со добра организација. Имам разбирање дома, голема помош и поддршка од сопругот, од двете баби, а исто така разбирање и од луѓето со кои работам. И од РК и од ЖРК Вардар никогаш не сум имала притисок, секогаш имале разбирање за моите мајчински обврски. Некогаш ми се случило да доцнам на тренинг, но Индира или некој друг ќе ме замени. Немам потешкотии, но морам да признам дека малку е напорно и хаотично, но успевам сè да изменаџирам. Не готвам, освен за ќерката, а сопругот помага околу домашните обврски. Миа и ракометот ми се главна преокупација. Не правам ништо надвор од ракомет, немам време ни за себе. (се смее) Наскоро се надевам, завршува сезоната и иако ќе имам некои ангажмани летово се надевам ќе имам простор и за оддишка.“
Ти недостасува енергијата, адреналинот кој го имаше претходно, во оние убави времиња кога двата клуба играа во Лигата на шампионите?
„Ништо од тоа не ми недостасува затоа што јас се уште го имам тоа и адреналинот и енергијата. Пријателите ми се дел од работата и додека сум на работа сите другари ми се тука и се си споделувам со нив во текот на работниот ден. Никогаш не сум била некој кој сакал да излегува по дискотеки или ноќен живот – не. Матури, родендени, свадби, екскурзии имам пропуштано многу во животот, ама тоа е нормално кога ќе се посветиш професионално на спорт. Приоритет во моментов ми е Миа да е подмирена со се што е потребно, и успевам да го направам тоа, но постои притисок во текот на процесот и тоа ми прави проблеми.“
ЖЕЛБА – АДВОКАТ, РЕАЛНОСТ – ТРЕНЕР
Марија имала желба да биде адвокат или судија, но сега е тренер, кој до крајот на годинава би требало да добие и Мастер коуч лиценца.
„Интересно е дека во средно сакав да бидам адвокат или судија и затоа се запишав во ’Борис Кидриќ’. Ми тргна добро со ракометот, бев и на СП и потоа се одлучив за Факултет за физичка култура. Ако продолжев на Правен факултет ќе немав време да се посветам на тоа. Сега сум професор – тренер. Летово во Врњачка Бања треба да го слушам вториот модул за Мастер коуч, додека третиот е во декември и се надевам до крајот на годината ќе завршам со тоа. Кога сме кај образованието мислам дека уште еден проблем за младите категории денеска е и тоа. Во мое време бев ослободена 50 посто од настава за да можам да играм натпревари, да се развивам и да станам репрезентативка, сега го нема тоа. Се нема слух и таква толеранција. Разбирам дека денешните деца знаат да злоупотребуваат, не велам – не, но постојат начини како се решава тоа, комуникација меѓу училиштето и клубот. Постои разбирање само за репрезентација, но еден играч за да стигне до репрезентација мора да помине некој тренажен процес за да дојде до тој степен. Академијата е друга приказна, но со другите училишта имаме проблем.“
ЕГАЛ СИТУАЦИЈА: НА ТЕРЕН ИЛИ ОКОЛУ НЕГО
Марија Папуџиева во моментов ужива во двете функции што ги има – тренер во млади категории и флор менаџер. Ангажмани за иста работа, но од комплетно различен аспект. Засега не може да се одлучи да избере само една.
„Оваа полусезона добив шанса како прв тренер на кадетките и навистина се пронајдов во тоа. Во иднина се гледам како тренер на екипа во млади категории затоа што мислам дека знам да им влезам на децата во психата. Кога бев играч некои тренери немаа разбирање кон мене. Она што го ценам многу е вербалната комуникација, не да ми вика некој, туку убаво да ми објасни и да видам дека ми верува – кога знам дека е така тогаш го давам максимумот. Поучена од тоа имам мој пристап кон децата и сум сигурна дека за секое дете знам како ќе одигра, што ќе одигра и како да го мотивирам, дали треба да подвикнам… На сето ова плус е и знаењето, колку знам ќе им го пренесам. Се трудам да се надоградам, работам на себе, читам, гледам видеа, се едуцирам и пробувам најдобро да го предадам на децата. Од друга страна и организациската функција многу ја сакам. Адреналинот ми е 500 на саат пред секој Технички состанок, пред да свирне судијата почеток мора сè да биде под конец. Обврските и ангажманите се многу поголеми на флор менаџер и тука се зависи од тебе, за разлика од тренерската работа. Кога си тренер се концентрираш на играчи, тактика за натпревар, ама на натпреварот не зависи сè од тебе, тренерот не може да даде гол. Како флор менаџер е друго, сè зависи од тебе и ти си одговорен за сè.“
За крај зошто Маја? Од каде таков прекар, кога името е Марија?
„Така сакал брат ми. Неговата симпатија во градинка се викала Маја и сум морала и јас да бидам Маја (се смее) Првично мислев дека тоа е прекар кој ми го дале како скратеница од името, но подоцна мајка ми ми објасни која била причината.“
Ќе имаш наследничка во ќерката?
„Мислам дека Миа ќе биде ракометарка! Цело време е со топката в рака, кукли немаме. Двајцата со сопругот сме леваци ама она со десна рака посегнува по работите. (има време ќе ја смениме – се смее)