Поранешниот македонски првак, Вардар, со сигурна и убедлива победа го отвори вториот дел од сезоната во Супер женската лига, откако на гостувањето во Штип го совлада Астибо со 43-31 (18:16), во натпревар од 14. коло.
Иако домаќинките пружија силен отпор во првото полувреме и во неколку наврати имаа резултатска предност, вардарки во продолжението целосно ја преземаа контролата врз играта.
Со поцврста одбрана, побрза транзиција и поефикасен напад, избраничките на Анжела Платон го скршија отпорот на Астибо и рутински стигнаа до осмата победа сезонава.
Посебен белег на натпреварот остави младинската репрезентативка Ања Лашкоска, која на своето деби во дресот на Вардар блесна со осум погодоци и беше прв стрелец на својот тим. Значаен придонес имаше и голманката Андреа Илиќ, која со 20 успешни интервенции беше еден од клучните фактори за убедливиот триумф.
Во составот на Астибо, најрасположена стандардно беше искусната Марија Анчева со 12 постигнати погодоци, но нејзиниот учинок не беше доволен за посериозен резултатски приклучок.
Со новите три бода, Вардар останува на четвртата позиција на табелата со 16 бодови, додека Астибо го задржува шестото место со седум бодови.

























