По двете бразилски интернационалки – десниот бек Талита Алмеида и пивотот Милена Менезес, македонскиот шампион Ѓорче Петров донесе уште едно засилување за продолжение на сезоната.
Станува збор за искусната српска интернационалка Катарина Танасковиќ. Таа има 29 години и доаѓа од турскиот тим Бурса каде што играше во есенскиот дел од сезоната.
Танасковиќ потекнува од Ниш, од стартот на кариерата ги бранеше боите на Наиса до 2019 година, кога замина во шпанската Гран Канарија. Една сезона играше за романската Дачиа Миовени, потоа за италијанскиот Салерно и унгарскиот Шомбатељ по една сезона.
Десниот бек Танасковиќ има забележано настапи за младинската репрезентација на Србија во минатото.
Стратегот на Ѓорче Петров, Симе Симовски, откако поголемиот дел од сезоната мораше да игра без класичен десен бек или со деснорак играч на таа позиција, сега ќе има избор меѓу двете нови засилувања – Бразилката Алмеида и Србинката Танасковиќ.
Ѓорче Петров нема рамен во домашното првенство, веќе има 14 победи на 14 натпревари и тешко дека некој може да му застане на патот кон двата трофеи во Македонија.
На европска сцена, со новите три засилувања, Ѓорче Петров ќе атакува на завршницата во Европскиот Куп. Ривал на македонскиот првак во четвртфиналето ќе биде шпанскиот Елче. Првиот натпревар се игра на 10 март во Шпанија, додека реваншот е на 17 март во Македонија.
Ѓорче Петров доби јужноамерикански шмек: Бразилска репрезентативка потпиша за шампионот!