Откако остана без Борјана Коцева, која го повреди прстот на шутерската рака, селекторот на женската репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, остана и без уште една од ракометарките која требаше да биде меѓу ударните игли на Европското првенство.
Станува збор за Ивана Гакидова, која има повреда на дланката и нема да биде во можност на им помогне на своите колешки на претстојниот континентален собир. Ракометарката на романската Слатина беше меѓу најдобрите на „Трофеј Карпати“ постигна девет гола од десет обиди против Романија и Словачка.
Грчевски сега останува со Ивана Џатевска и Катерина Дамјановска на линијата од шест метри, а дали ќе повика дополнително нова ракометарка, останува да видиме на утрешниот собир.
Македонија до среда ќе тренира во Скопје, в четврток заминува за Пореч, каде в петок и сабота ќе ги одигра последните две контролни средби против Хрватска и Србија, а оттаму ќе замине во Дебрецин, каде ќе има доволно време за аклиматизација пред стартот на ЕП.
ЕП 2024 стартува на 28 ноември со дуелот против Шведска, на 30 ноември ривал ќе ни биде Турција, додека на 2 декември, Македонија ќе се соочи со домаќинот Унгарија.