Гичевска: Ако го испочитуваме договореното – ќе победиме во Литванија

Женската репрезентација на Македонија денеска го игра вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2024 година во Австрија, Швајцарија и Унгарија.

Левиот бек Леонида Гичевска, која од летово е дел од романскиот тим Стинта Букурешт, не беше дел од претходниот меч против Азербејџан, но ќе игра против Литванија.

Во репрезентацијата има нов стручен штаб со селекторот Кристијан Грчевски, Едуарда Аморим Талеска и Ања Алтхаус, а Гичевска вели дека атмосферата е одлично како и секогаш.

„Атмосферата кога ќе се вратиме во Македонија секогаш е добра, секогаш е посебно чувството кога ќе се вратиме сите дома и ќе се собереме со оние што играат во македонското првенство. Сите заеднички имаме една цел и една мотивација. Во оваа ЕХФ недела со многу важни натпревари за нашата држава, нема простор за никакви лоши вибрации во тимот или пак лоша енергија. Сите сме максимално насочени кон тоа што следува, а покрај сета таа посветеност, тренинг, видео анализи и сите наши обврски, гледаме да имаме и време за опуштање и забава меѓу нас, бидејќи тоа е неопходно“, вели Гичевска.

По лесната победа над Азербејџан, ривал ќе биде селекцијата на Литванија.

„Игравме против Литванија пред неколку години и се сеќавам дека победивме лесно, но нормално дека играчите се менуваат, тимот се менува, па гледавме некои понови натпревари од нив и можам да кажам со сигурност дека можеме да ги победиме. Не е противник за потценување, нема да биде како против Азербејџан. Плус играме на гостински терен, но ако го испочитуваме договореното сите и одиграме како што треба победата е сигурна и веќе сме со една нога на Европското првенство“, продолжи Гичевска.

По настапите во Франција и Хрватска, Гичевска од ова лето игра во романскиот шампионат, можеби најсилната конкуренција кај дамите во Европа.

„Во Романија сум се уште многу кратко, но за ова време поминато таму можам да кажам дека ракометот, особено женскиот е многу актуелен и мислам дека е спорт број 1 во Романија. Лигата е најдобра во светот во моментов, сите тимови многу вложуваат и има силна конкуренција. Секој со секој се надигрува и многу добро се работи во секој клуб. Нема лесен натпревар, буквално на секој има голема борба. Сега за сега се чувствувам многу добро таму и мислам дека тоа е најважно за секој играч“, заврши Гичевска.

Натпреварот меѓу Литванија и Македонија се игра денеска од 15:00 часот во „Авиа Солушнс Арена“ во Виљнус.