Генерација со потенцијал: Македонските кадетите доминираа против Црна Гора

Македонската кадетска ракометна репрезентација забележа убедлива победа над соодветната селекција на Црна Гора во пријателски натпревар, 36-21, како дел од подготовките за настапот на следните медитерански игри и ЕП 2026. Во репрезентацијата недостасуваа неколку ракометари, а селекторот Кузманоски повика з аовие дуели и четири нови играчи на кои сака да им даде шанса. Покрај овој меч, утре кадетските репрезентации ќе одиграат уште еден дуел, повторно во Скопје.

Избраниците на Горан Кузманоски уште од самиот почеток ја презедоа контролата на играта. Со цврста одбрана и брза транзиција, македонските кадети создадоа осетна предност уште во првото полувреме, кое заврши со резултат 17-10. Им требаа на нашите ракометари околу 15-тин аминути додека да помине „тремата“ и грчот во кој играа. Потоа веќе беше полесно, зашто физички бевме надмоќни во однос на гостите.

Во продолжението, Македонија продолжи во ист ритам, со чести ротации и рамномерна минутажа за поголем дел од составот. Нападот функционираше разновидно, со погодоци од повеќе позиции, додека одбраната успешно ги неутрализираше обидите на противникот. Конечниот резултат гласеше 36-21, што воедно претставува и највисока разлика на натпреварот, односно +15 голови во корист на македонската селекција.

Кај Македонија најефикасните поединци беа Бобан Поповски со 7 гола и Јован Петрески со 5 гола.

Црна Гора исто така е учесник на следното ЕП што летово ќе се игра во Србија, па затоа двете репрезентации сакаат да одиграат што е можно повеќе контролни средби. Истата репрезентација ќе настапи и на следните Медитерански Игри, каде веројатно ќе игра и Македонија.