Гарабаја: Кога сме тим, можеме да победиме секого!

Еурофарм Пелистер ја прекина серијата од пет порази во Лигата на шампионите и повторно се израдува на победа. Во драматичен натпревар исполнет со борба и пресврти, битолскиот состав успеа да го совлада унгарскиот ПИК Сегед со 25–24, за втор триумф сезонава во елитното европско натпреварување.

Тренерот Рубен Гарабаја одлично го водеше тимот. Победата дојде како вистинско олеснување за „зелено-белите“, кои повторно покажаа карактер и тимски дух. Шпанскиот стратег не го криеше задоволството по големата победа над фаворизираниот противник:

„Го започнавме мечот со неверојатна одбрана, мислам дека ПИК Сегед го сфати тоа и почна да игра седум на шест. Имавме неверојатен голман во првиот дел, но со таа игра седум на шест противникот дојде до лесни шутеви и ни направи проблем. Во вториот дел се боревме и ние и тие, плус еден за нас, плус еден за нив, но на крајот ние победивме како тим. Секој играч си ја сфати својата улога и сите разбраа дека се важни во овој меч. Кога сите работи функционираат и ние сме како тим, може да го победиме секого. Мора да бидеме перфектни, да ни биде јасно, дека со план како во првиот дел, кога сите сме внатре, планот работи. Сегед можеби имаше проблеми пред овој меч, ама ова беше многу важна победа за нас“, изјави Гарабаја.

Во следното коло Еурофарм Пелистер повторно ќе се сретне со ПИК Сегед, овојпат на гостински терен, на 20 ноември, во обид да ја потврди формата и да ја продолжи победничката серија во Лигата на шампионите.