Најмладите ракометни генерации викендов ќе ги добијат медалите, и ќе покажат кој, и каде најдобро се работи со „иднината“. Иако има уште многу за брусење додека да станат „дијаманти“ сега ќе покажат кој е на најдобар пат. Пред настапот на Ф4 турнирот што ќе се игра утре во Охрид, редакцијата на 24ракомет ви ги претставува учесниците на завршниот турнир, тренерите и нивните очекувања. Но, без разлика кој ќе победи „ВИЕ СТЕ НАШИТЕ ШАМПИОНИ“
Клубот кој работи две децении, и особено успешно со младите категории, РК Аеродром лани беше шампион во пионерска конкуренција, а сезонава единствен тим повторно е меѓу најдобрите четири во Македонија. На завршниот турнир, што во недела ќе се игра во Охрид, тимот од Скопје влегува со „смирена глава“ и без еуфорија. Од ланскиот состав нема некои играчи меѓу кои и МВП на турнирот, Милош Стојановиќ, но оние што останаа и во меѓувреме дојдоа докажаа дека се зрели да го повторат ланскиот клупски успех.
Учесници на Ф4 турнирот годинава во пионерска конкуренција се екипите на Охрид (домаќин), Струга, Аеродром и Алкалоид. Само екипата на Аеродром, лани исто така играше на Ф4 турнирот и беше шампион. Аеродром, Охрид и Алкалоид обезбедија директно пласман на завршниот турнир.
Сезонава полуфиналните двојки се Струга – Охрид, и Аеродром – Алкалоид. Меѓу нив ќе се бара и шампионот. Дали ќе биде истиот? Или ќе има нов пионерски владател?
Пласманот на завршниот турнир меѓу најдобрите четири во Македонија, ракометарите на Аеродром го остварија како првопласирани во Група В. Имаа голем притисок од Куманово, ланскиот учесник на Ф4, но и од тимот на Бисинов од Велес. Но, „аеродромци“ лесно го решија велешкиот тим, а на Куманово „со камата“ му се реваншираа за единствениот пораз во сезоната. Така тимот од Скопје стигна до шансата да го брани трофејот.
„Нормално дека се надевавме на пласман меѓу најдобрите, и сакавме да бидеме на завршниот турнир како резултат на повеќегодишна работа со ракометарите од ова генерација. На почетокот на сезоната немавме доволно информации за квалитетот на екипите од источниот регион, поради промената на форматот во однос на минатата сезона, но како што одминуваше сезоната и работите стануваа појасни, вели Иван Никчевиќ, тренерот на Аеродром.
Иако завршија како првопласирани во групата, на секој меч Аеродром играше максимално, давајќи им повремено можност и на помладите од клупата, кои треба да ги заменат овие играчи в година. Оние што лани беа шампиони, сега се вистински столб во играта, покажувајќи дека продолжуваат да напредуваат.
,,Од тимовите со кои игравме во групата би ги издвоил екипите на Бисинов и Куманово, како екипи со квалитет сличен на нашата екипа и токму во нив имавме најголем предизвик. Секако дека и тие играат квалитетен ракомет за оваа возраст, и се покажаа како одлични ривали на секој наш натпревар, вели Никчевиќ.
Како лански победник, Аеродром влегува во групата на фаворити, но во младинските категории е тешко да се прогнозира однапред. Ривал во полуфиналето е тимот на Алкалоид.
,,Очекувам во недела во Охрид да биде празник на ракометот. Од нас очекувам да се претставиме во најдобро светло, и низ една машка пред сѐ, пожртвувана и својствена за нас, да дадеме максимум, зошто да нѐ победиме уште еднаш. Ги респектираме сите екипи, на секој натпревар, исклучок нема да биде ни Алкалоид. За натпреварот се подготвуваме како за секој друг натпревар. Нема ништо специјално, вели Никчевиќ.
Ваквите натпревари на кои нема поправен испит, зависат од многу фактори. Сите се задоволни од играњето на Ф4 турнирот, но сите посакуваат да го играат натпреварот во вечерниот термин во недела, односно финалето.
,,Успех за нас е самиот пласман на завршниот турнир, со оглед на тоа што само нашата екипа успеа да се пласира на двата финални турнири и лани и годинава. Повеќе ги советувам младите ракометари како да се справат со тремата. На играчите од Аеродром не им е потребно храбрење, желба има и повеќе од потребно. Немаме притисок, во голема мера и играчите се со исто размислување. Мотив за натпреварување постои, и ќе се обидеме да ја одбраниме титулата”, вели Никчевиќ.
Распоред, Ф4 – пионери:
НЕДЕЛА – 12.05.2024
Полуфинални мечеви
12,15 – Охрид – Струга
14,15 – Аеродром – Алкалоид
17,45 – меч за 3 место
19,30 – финале