Европскиот првак пресилен за Македонија

Женската младинска репрезентација на Македонија со пораз од европскиот првак Унгарија со 37-21, го стартуваше настапот на Европското првенство во Црна Гора. Иако во одредени моменти му париравме на поквалитетниот противник, сепак во второто полувреме Унгарките комплетно доминираа на теренот.

Сега следуваат дуелите со Полска и Чешка, на кои ќе се бара шансата за прва победа на континенталниот собир. Во нивниот прв двобој, Чехинките убедливо славеа против Полска со 31-24.

По два промашени напади на двете страни, Унгарките започнаа да погодуваа, а нивната голманка Лукач влезе во серија одбрани. Им фати шутеви на Кралева и Ристиќ, а првиот гол беше дело на Трпеска за 4-1 по седум минути игра.

Унгарките фатија ритам, се одлепија на пет плус, а во еден момент имаа и седум гола предност, 12-5. Тодоровска влезе во игра за Македонија, го раздвижи нападот и нашите ракометаки имаа серија од три гола по ред за 14-11.

Велкова беше сигурна од линијата од седум метри, даде три погодоци и да не беше голманката Лукач со девет одбрани наспротив само една на Наумоска, Македонија сигурно ќе беше најмалку во егал.

На паузата европскиот првак замина со водство со 16-11, а на стартот на вториот дел неколку промашувања и технички грешки па ривалот набрзина казнуваше за да стигне до позитива од осум гола, 22-14.

Хендикеп беше и повредата на Велкова, па Симовски остана без една од ракометарките на линијата од шест метри. Унгарките поведоа и со десет гола 25-15, па беше јасно каков тек ќе има натпреварот до крај.

Најдобри стрелци во македонската селекција Котевска и Велкова со по четири гола, а бековите Ристиќ и Кралева постигнаа само 2 гола од 14 обиди. Кај Унгарија се истакнаа Фазекаш со осум и Сејберт со четири погодоци. Голманките на Унгарија Лукач и Мајорос фатија дури 18 шута на нашите ракометарки, додека македонското трио Гошевска, Наумоска и Хасаноска имаа заедно само пет одбрани.