Ракометарите на Еурофарм Пелистер губат на полувреме од ПСЖ со 18:13 во натпревар од последното коло од групната фаза од ЛШ.
Натпреварот започна со гол на Холанѓанецот Дани Бајенс, а по промашувањето на Радивојевиќ, гостите по три минути игра водеа со 2:0. Македонскиот шампион го постигна првиот гол преку Тајник, кој намали на 2:1, но тимот на Раул Гонзалез постигна два брзи гола и во петтата минута веќе имаше предност од три гола, 4:1.
До тој момент, гостинските ракометари имаа 100% реализација. Македонскиот шампион за десет минути игра постигна четири, а прими осум гола. Никола Митревски до 10-та минута имаше само една интервенција, додека на спротивната страна, Паличка имаше две повеќе.
Пелистерци имаа свој момент кога од 11:7 направија серија од 3:0, намалувајќи на само еден гол негатива 11:10. Домаќините можеа и да израмнат, но капитенот Кузмановски не успеа да реализира, па гостите ја искористија шансата и зголемија на 12:10 во 20-та минута.
Еурофарм Пелистер во периодот од 12 до 25 минута одигра според посакуваното, беше во негатива од еден-два гола, а во последните пет минути од првото полувреме гостинскиот тим искористи дел од грешките на домашниот тим и на пауза замина со солидна предност од 18:13.