Како што најави 24Ракомет, нов ракометар во редовите на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер е левото крило Дејан Манасков.
Битолскиот тим го потврди трансферот на искусниот ракометар, кој во Битола би требало да остане најмалку 1,5 година.
,,Неговото презиме предизвикува емоција кај армијата наши навивачи. Манасков пак ќе постигнува голови во дресот на Пелистер! Задоволство ни е што по децении и децении уште еден Манасков е наш член”, стои во дел од соопштението на Еурофарм Пелистер.
Искусниот Манасков по кратката пауза ќе се врати на ракометните терени и ќе им помогне на битолчани во одбраната на титулата во македонскиот шампионат, каде најголеми конкуренти ќе им бидат Вардар и Алкалоид. Т
31-годишниот ракометар ќе формира трио со македонските репрезентативци Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ на левата крилна позиција во битолскиот клуб.
Дејан Манасков е македонски репрезентативец и интернационалец кој во Македонија ги бранеше боите на Металург и Вардар, додека на меѓународна сцена беше дел од бундеслигашите Вецлар и Рајн Некар Левен, како и унгарскиот гигант Веспрем. Лани со Вардар го освои Купот на Македонија.