Ерланген соопшти: Безјак ќе може да се врати во Бундес лигата

Бундеслигашот Ерланген денеска излезе со соопштение преку клупската страна за ситуацијата со довчерашниот член на Нексе Нашице, Марко Безјак.

Словенецот, кој најпрво беше суспендиран од страна на ХРС, па потоа од ЕХФ, ќе може да настапува во Бундес лигата, поточно за Ерланген, а нема да може да игра на натпревари под капата на ЕХФ.

Како што е познато, искусниот среден бек во периодот од сезона 2015/16, па до 2022/23 го носеше дресот на Магдебург и со овој тим успеа да ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Безјак лани летоска се врати на Балканот, потпиша за Нексе, но на еден дуел против Загреб, словенечкиот среден бек по мешаницата на теренот, го оттурна делегатот, ХРС видоа намера во тој обид и го суспендираа на една година.

Сега Безјак ќе може да се врати во најквалитетната лига на светот, а во Ерланген ќе биде замена за швајцарскиот ас Мануел Зендер, кој се пресели токму во Магдебург.