Еден од најдобрите хрватски ракометари Домагој Дувњак, во подкастот на ЕХФ, се потсети на некои од настапите на големите натпреварувања.
Хрватска многу често губела од Франција во завршните натпревари, а еден таков беше во финалето на ЕП 2010 во Австрија.
„Тоа првенство најмногу ми остана во сеќавањето поради навивачите. Ние го игравме првиот круг во Грац, бевме како дома. Во Виена беше вториот круг, како и полуфинале и финале. Едноставно уживав во тоа првенство. Финале…мислам дека поведовме 12-9. Франција се врати, направија 3-0 серија, и беше 12-12 на полувреме. Во второто полувреме се одлепија. Ивано Балиќ постигна убав гол. Го лобуваше Омејер и мислам дека се вративме на минус еден или два. Но на крај немавме сили за камбек. Секако, како и секогаш Омејер одбрани неколку важни топки. Франција на крајот победи убедливо. Секогаш имаме проблеми со нив. Едноставно беа силни. Нивната одбрана функционираше соврешено со Омејер зад нив. Секој напад се мачевме. Имаа феноменална екипа. Едноставно, многу пати ми ги уништија моите соништа. За жал, но тоа е така“, вели Дувњак.
Тој ќе биде предводник на Хрватска и на претстојното Европско првенство во Германија, а „коцкестите“ се во група со Шпанија, Романија и Австрија.