Ракометарите на Бутел Скопје се враќаат победнички од гостувањето кај новиот суперлигаш Бисинов ФЛ со 26-25, откако се одбранија во последниот напад на домашните кои имаа шанса барем за бод во драматичниот финиш.
Иако можеа многу порано да го решат прашањето на победникот околу победникот во Велес, имаа во повеќе наврати плус три гола предност, сепак мораа да треперат до последните моменти.
На стартот на мечот, Бутел остана без Александар Стојаноски, бидејќи поради превид голманот не беше во записникот, па мораше да излезе од теренот, а клупата на гостите доби жолт картон.
Во првите дваесетина минути се играше гол за гол до 8-8, а домашниот тим почна прв да се одлепува резултатски. Ветеранот Паунов имаше одлични интервенции на голот, па велешани поведоа со 10-8.
Иако и Блажески беше солиден на спротивната страна, Паунов и Солев заедно запреа дури четири пенали, па домаќините успеаја да стигнат и до плус три, 13-10. Сепак во последните секунди Ссовски се погрижи за минус два за Бутел на паузата.
Имаа домашните уште два пати предност од три гола во вториот дел, но како одминуваше времето така Бутел ја стегнуваше се повеќе одбраната, па по 19-17, момците на Горан Кузманоски направија серија од три гола, 20-19.
Тоа беше причина за домашниот тренер Владимир Глигоров да побара тајм-аут, но и потоа неговите момци не погодија, односно одбрани Блажески, па казната стигна на спротивната страна преку Ѓеоргиевски за 21-19.
Домашните почнаа да го губат здивот, а Милошески му донесе за првпат на мечот плус три на Бутел, 22-19. Велешани имаа играч помалку, па играа со празен гол, и иако погодуваа, набрзина примаа голови во празниот гол од голманот Блажески.
Во последните пет минути се влезе со 25-22, велешани намалија на минус еден, тргнаа во напад и за реми, но погрешија во додавањето. Добија уште една шанса, погодија, па на деведесет секунди до крајот беше реми, 25-25.
Кузманоски повика тајм-аут, велешанецот Николов стрелаше за предност на Бутел, па сега беше ред на домаќинот за минута одмор. Беше договорена акција, но направија велешани грешка и немаше време за нешто повеќе од минимален пораз за нив.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ѓеоргиевски со шест гола, како и Николов, Милошески и Спасовски со по четири погодоци, додека голманот Блажески имаше 13 одбрани. Во домашниот тим се истакнаа голманот Паунов со 15 одбрани и Трајковски со осум погодоци.
Велешани остануваат на три освоени бода на претпоследното место на табелата, додека Бутел Скопје е на добар пат да обезбеди место во пролетниот плеј-оф во Супер лигата.