Драмата во Скопје ја доби Јехона – трета победа во третиот меч против Шампион

Двете најмлади екипи на сениорско ниво кај дамите, Шампион и Јехона, се сретнаа во Скопје, а бодовите заминаа за Гостивар.

Гостинките триумфираа со 21-20 (10-7) во натпревар исполнет со неизвесност до самиот финиш.

Клучниот момент се случи на една минута пред крајот, кога при резултат 20-20, Хасани ја презема одговорноста и успешно реализираше за водство, кое на крајот се покажа како доволно за двата бода.

Домаќинките имаа последен напад за реми, но голманката Мустафи го одбрани ударот и ја сочува предноста.

Покрај Хасани со пет гола, од кој еден беше победнички, во таборот на Јехона се истакнаа и Абдулаи и Лазареска со исто толку погодоци, а кај Шампион најдобра беше Тосеска со шест гола.

За Јехона ова беше трета победа сезонава, а сите три остварени токму против скопскиот состав. Шампион останува без освоен бод, но со оглед на младоста на ростерот, секој натпревар претставува важна лекција и можност за напредок.